Драган Ванов од Мото Клубот „Мото Велес“ го освои првото место и златен пехар на првата ендуро трка од државниот Ендуро шампионат за 2021 што денеска се возеше на ендуро патеката над велешко Езеро „Младост“.
За разлика од лани годинава имаше плус еден круг, односно четири круга, секој по 25 километри по нерамен терен со пет теста. Патеката со тешки препреки и изненадувања, искусните ендуро возачи, 40 од земјава ја извозеа за три часа. Гости вон конкуренција на трката беа ендуро шампионите на Косово.
Драган Ванов четирикратен шампион во ендуро за МИА, изјави дека трката била многу тешка и напорна и е многу среќен што на тестот имал најдобро време, со што го освои првото место во класата до 250 кубика.
-Очекувам и годинава да го освојам шампионатот во ендуро што ќе ми овозможи настап на меѓународни ендуро трки, бидејќи тука веќе немам конкуренција, вели Ванов.
Втор во истата класа Е1 е Михаил Бајовски од МК „Хамачи Екстрим“, а трет Виктор Караколев кој се натпреварува за скопскиот клуб „Ендуро тим“.
Во Е2 класата прво место и златен пехар освои Марко Златановски од МК „Ендуро тим“ од Скопје, втор е неговиот клупски колега Андреј Милковски, а трет Синиша Николоски од МК „Мото Велес“.
Во Е3 класата прв е Куштрим Прекороѓа од МК „Ендуро Тим“ втор неговиот клупски колега Петрит Лушаку и трет од истиот клуб Ангелче Стојковски.
Организатори на оваа ендуро трка, која на патеката на велешко езеро „Младост“ се одржува од 2010 година се МК „Мото Велес“ МФМ и Општина Велес.