Боксерската федерација на Македонија го награди Ардијан Аземи со 120.000 денари повод успехот на Европското првенство во Будва, парична награда е доделена и на тренерот Насер Харуни во висина од 60.000 денари.
Претседателот на БФМ, Примислав Димовски на денешната прес конференција рече дека е горд на резултатот на Аземи.
– Драго ми е што имаме успех во боксот, по медалите во деведесетите години имавме голема пауза кога се успесите во прашање. По мојот медал во 1995 година, потоа на Чатлески, Гоергиески и Салиху, и оној историски во сениорска конкуренција на Вели Мумин, имаме прв медал од младинско европско првенство. Горди сме на овој успех среќни и радосни, ова е не само наш успех во федерацијата, ова е значаен момент за спортот во Македонија во моменти кога живееме во услови на пандемија. Ги наградивме Ардијан Аземи и Насер Харуни парично, медалистот Аземи со 120.000 денари, тренерот со 60.000 денари. Сакам да истакнам дека покрај нив на европското во Будва настапија и браќата Илхан и Ајхан Озмен и тренерот Васко Цубалевски, благодарни сме за се што направија во промоција на македонскиот бокс. Сакам да упатам посебна благодарност и до Алкалоид и господинот Живко Мукаетов кои го реализираа нашиот ваучер во услови на пандемија и го помогнаа боксот кога беше најпотребно, изјави Димовски.
Мадалистот Аземи е оптимист дека овој историски успех може да го повтори и подобри на следното светско првенство.
– Направив се да забележам успех, се надевам дека ќе бидам уште подобар во иднина и следната година особено на светското првенство каде сакам најмалку да го повторам успехот од Будва, потенцира македонскиот боксер.