Бернардо Силва го напушта Манчестер Сити на крајот од сезоната, потврди помошникот на Пеп Гвардиола по победата против Ливерпул.
Манчестер Сити ќе биде без еден од своите најважни играчи на крајот од сезоната. Бернардо Силва ќе го напушти клубот на лето. Потврдата дојде некако неочекувано. По убедливата победа на Сити од 4:0 над Ливерпул во ФА Купот, Пеп Линдерс откри на прес-конференција дека португалскиот играч од средниот ред повеќе нема да биде дел од тимот по летото.
„Секоја добра приказна завршува еднаш. Се надевам дека Бернардо ќе ужива во последните шест недели и ќе го има финалето што го заслужува“, рече Линдерс, јасно сугерирајќи дека неговиот престој во Манчестер се ближи кон крајот.
Ова практично го потврди она што во клубот се знаеше веќе некое време. Силва, чиј договор истекува на 30 јуни, станува слободен агент и веќе е на радарот на бројни европски гиганти.
Португалецот пристигна во Сити во 2017 година од Монако и брзо стана еден од клучните играчи во ерата на Пеп Гвардиола. Со текот на годините, тој освои сè што можеше да се освои и изгради статус на речиси незаменлив играч.
Затоа, интересот на бројни клубови веќе почна да се појавува.
Според „Газета дело Спорт“, Јувентус сака да го доведе Португалецот без обештетување и да му понуди договор од три години со можност за активирање на уште една година. „Старата дама“ би издвоила седум до осум милиони евра по сезона за неговите услуги.
Таа плата, ако се земе предвид дека Душан Влаховиќ ќе го напушти клубот, би го направила втор најплатен играч во клубот по Џонатан Давид.
