Македонскиот кошаркарски шампион во женска конкуренција, тимот на Бадел 1862 и во новата сезона ќе биде дел од регионална кошаркарка лига (МЖРКЛ).
„Баделки“ вечер од 19 часот и 30 минути на стартот на лигата гостуваат во Белград кај српскиот првак тимот на Радивој Кораќ.
Покрај овие две екипи во групата „А“ се натпреваруваат и тимовите на Медвешчак, Плеј оф Хепи, Триглав и Гросупље.
За младите кошаркари на Бадел 1862 учеството во силната лига ќе биде нова шанса за собирање на искуство.
– На стартот на новата сезона на регионалната јадранска Лига, жрепката одлучи првиот натпревар да го играме против Радивој Кораќ од Белград, една од најдобрите екипи во лигата,минатогодишниот финалиста пред тоа и шампион на лигата. Секако дека домашниот тим е апсолутен фаворит во овој дуел, според квалитетите на тимот. И ако се земе во предвид дека останавме без нашата најдобра кошаркарка од минатата сезона Анџелика Митрашиновиќ која замина во екипата на Челик, тогаш нашите шанси се сведени на минимум за еветуално изненадување во Белград. Но, тоа секако не значи дека ние однапред ќе се предадеме, туку ќе дадеме се од себе за да одиграме што подобар натпревар, истакна тренерот на Бадел 1862 Перо Стaмeски.