УЕФА во текот на денешниот ден треба да ја одреди казната за албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку за навредливото скандирање кон Македонците и кон Србите по мечот против Хрватска (2-2) на Европското првенство.
Со реакција јави и Албанската фудбалска федерација, која, разбирливо, го брани својот фудбалер и сака да ја минимизира штетата.
„Албанската фудбалска федерација го признава неодамнешниот инцидент со нашиот фудбалер Мирлинд Даку, кој се случи по натпреварот на ЕП 2024 меѓу Албанија и Хрватска. Разбираме дека во жарот на спортските натпреварувања емоциите растат, постапките на Мирлинд беа жална реакција на една исклучително напната ситуација. Мирлинд Даку веќе изрази длабоко каење за своите постапки и упати јавно извинување. Тој ги разбира последиците од неговото однесување и ја презеде целосната одговорност. Овој инцидент не го одразува неговиот карактер или вредностите до кои ние како федерација се придржуваме“, стои во реакцијата на Албанската фудбалска федерација.