Неколку стотици граѓани се собраа на градскиот плоштад во Градачац, еден ден по крвничкиот чин на Нермин Сулејмановиќ, кој уби три лица, меѓу кои и неговата невенчана сопруга.
Насобраните рекоа дека живеат во страв бидејќи системот не ги штити од личности како Сулејмановиќ. Поточно, прстот го вперија кон полицијата и судството.
Жителите од вчера живеат во страв, а поради бруталниот напад на 35-годишниот Нермин Сулејмановиќ, кој изврши повеќекратни убиства.
Посебно застрашува податокот дека пред очите на јавноста ја ликвидирал својата невенчана сопруга, пренесувајќи се во живо преку социјалната мрежа Инстаграм.
Тажни, огорчени и со грутка во грлото, голем број граѓани денеска се собраа на градскиот плоштад, на протестен собир. На таков начин кажаа дека се со сите жртви на семејно насилство во чии окови беше и партнерката на Сулејмановиќ.
Граѓаните тврдат дека случајот го пријавила во полиција, но очигледно недостигала соодветна реакција. Посебно ги загрижува фактот што надлежниот суд одговори со одбивање да донесе мерка за забрана на Сулејмановиќ да и се приближува на невенчаната сопруга.
„Никој не заслужи да му се случи тоа што и се случи на нашата колешка од работа. Тој не беше човек, туку монструм. Не знам што направија полицијата и правосудните институции бидејќи таа им пријавила се. Очигледно не реагирале затоа што ако го правеа тоа, немаше да се случи убиството. Полицијата и судството не не штитат од монструми како него“, изјави една од тие што протестираа, и како што нагласи била колешка од работа со несреќната жена.
Нејзина друг колешка посочува дека вчерашниот чин е срам за цела држава.
„Ова повеќе не е цивилизирана земја. Овде е полошо отколку на „дивиот запад“. Дојдовме овде поради сите жени затоа што останавме оставени сами на себе“, вели таа.
Еден од организаторите на денешниот собир Миралем Топаловиќ наведува дека БиХ општеството се наоѓа во последниот момент во кој мора да се преземат соодветни чекори.
„Во сето ова државата потфрли. Мора да направи нешто затоа што се се одвиваше во град кој е прилично мирен. Убиена е жена која пријавила насилство и поминала низ големи ужаси што човечкиот ум не може да ги прифати. Уште попоразително е што тој половина час шеташе низ градот со пиштол, влегувајќи во згради. Не можеме да се чувствуваме безбедно“, вели Топаловиќ.
Од друга страна, на улиците на Градачац се уште се забележува зголемено присуство на полицајци, а трагите од бруталниот чин се уште се присутни. Надлежните органи вршат увид и ги собираат сите соодветни информации, а граѓаните стравувајќи за својата безбедност се движат по јавните улици.