Согласно одлуката на менаџерите назначени од турските власти, од 15 мај престануваат со работа турската информативна агенција Џихан и весникот „Заман“, информира денеска телевизијата Си-Ен-Ен Турк, пренесе ТАСС.
Агенцијата Џихан, весникот „Заман“ и телевизискиот канал Куре ТВ влегуваат во медиумската група „Феза“. Сите овие медиуми ќе бидат затворени.
Турските судски власти во март назначија менаџери во медиумската група за спроведување на надворешно раководење на компаниите. Оваа мерка беше воведена во врска со претензиите на властите кон овие средства за масовно информирање заради нивната противзаконска дејност.
Весникот „Заман“ беше силно опозициски настроен и се смета дека е тесно поврзан со исламистичкиот духовен лидер Фетулах Ѓулен и неговото движење „Хизмет“.
Анкара ова движење го нарекува „паралелна структура“ и го обвинува за обиди за соборување на владата.
Во есента 2015 година ваква надворешна управа беше воведена и во медиумскиот холдинг „Ипек“, во чиј состав влегуваа 23 компании, телевизиски канали, радиостаници и весници.
Основаност за именувањето менаџери од надвор и за проверки на работењето беа сомневањата за пропаганда за тероризам. На крајот сите медиуми на холдингот ја прекинаа својата дејност.
Агенцијата Џихан со работа почна во 1994 година и беше една од најголемите и најуспешните приватни агенции во Турција. Таа имаше над двеста дописнички бироа во Турција и десетици земји низ светот. Таа беше еден од главните испорачувачи на текстови и видео информации и снимки за турските и странските медиуми.
Весникот „Заман“ почна да се издава во 1986 година и стана еден од најпрогресивните во Турција, достигнувајќи во 2011 година тираж од еден милион примероци. „Заман“, исто така, како самостојно издание излегуваше во многу земји од светот. Во текот на последните години весникот стана се покритичен кон Владата, а против негови соработници беа поднесени кривични пријави и обвиненија за антивладина дејност.