Полицајката од Градачац, Џ.С. последниве денови се соочува со сериозни обвинувања дека била во врска со Нермин Сулејмановиќ, човекот кој на 11 август уби три лица во тој град. Според пишувањето на босанските медиуми, Џ.С. на Нермин му кажала каде се наоѓа неговата невенчана сопруга Низама Хеќимовиќ, која Сулејмановиќ брутално ја уби пред очите на нивната ќерка, пренесувајќи се во живо на Инстаграм.
Полицајката моментално не е во Градачац, туку е на одмор во странство, а денеска треба да се врати во татковината.
Кога ќе се врати, ја чека дисциплинска постапка, па и се заканува суспензија во ПУ Градачац каде што е вработена.
Нермин Сулејмановиќ имал дебело полициско досие, повеќе пати бил осудуван за насилничко однесување и загрозување на безбедноста, бил пријавуван за семејно насилство и за обид за убиство. Неколку години поминал и во затвор во Зеница.
Во изминатите денови Џ.С. не се огласила, а кога „Јутарњи“ се обиде да стапи во контакт со неа таа ги упати новинарите кај нејзиниот адвокат Бакир Хеќимовиќ.
Тој тврди дека неговиот клиент не само што не открила каде се крие Низама, а тврди дека таа не била во љубовна врска со Нермин Сулејмановиќ.
„Она што можам да ви кажам е дека мојата клиентка немала никаков контакт со лицето кое ги извршило овие тешки кривични дела ниту пак имала информации за тоа каде се наоѓа лицето кое настрада во овој настан. Истражните органи на кантонот Тузла во соработка со обвинителството води истрага против Џ.С., но знаеме дека нема индиции дека имала некаква поврзаност со убиецот. Таа е полицаец во Градачац, местото е мало и сите се познаваат со сите, па познато е дека таа е примерен службеник против кој никогаш не е покрената дисциплинска постапка. Тврдиме дека таа никому не дала никакви информации за жртвата, ниту пак, на крајот на краиштата, била распоредена на работно место каде што би имала пристап до такви информации“. изјави за весникот адвокатот Хеќимовиќ.
Инаку, Џ.С. се соочува со силни обвинувања, а многумина дури и ја навредуваат на социјалните мрежи. Нејзиниот адвокат вели дека некои во коментарите повикуваат на линч на неговиот клиент.