Косовскиот премиер Албин Курти најави дека на 15 март ќе биде укината таксата за увоз од Босна и Херцеговина и Србија. Курти го повика Белград да ја прекине кампањата за повлекување на признавањата на Косово.
Тој на вонредната прес конференција во Приштина рече дека укинувањето на таксата е „знак на добра волја на Косово за да се решат проблемите и односите со Србија“.
-Тоа е знак на подготвеност за трговски и економски договор со Србија. Ја повикуваме Србија да се заложи за запирање на кампањата за отповикување на признавањето на Косово. Очекувам дека Владата на Србија ќе одговори со прекин на кампањата, рече Курти.
Тој кажа и дека доколку Србија одговори позитивно, тогаш на 1 април таксата ќе биде целосно укината на период од 90 дена.
Според него, ако српската страна не одговори позитивно, таксата ќе биде повторно целосно воведена од 5 јуни.