Каја Калас: Нема да толерираме никакви закани по безбедноста на Босна и Херцеговина

Од:

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пристигна во посета на Босна и Херцеговина, објави босанската редакција на телевизија Н1.

Калас ја посети базата на ЕУФОР во Сараево, им се заблагодари на војниците од мисијата „Алтеа“ и упати јасни и силни пораки, дека мисијата е многу важна и дека оваа база го претставува местото каде што се родила политиката за безбедност и одбрана на ЕУ со мандат од ОН.

– Во време кога нашиот фокус во голема мера е насочен кон безбедноста и одбраната, операцијата ‘Алтеа’ на ЕУФОР е уште повеќе во центарот на вниманието. Вие знаете подобро од многумина што е потребно за зачувување на мирот и безбедноста во опасни времиња. Знаете дека постигнувањето на мирот бара дипломатски напори, но неговото зачувување бара сила. Затоа европските војски, заедно со војските од други земји, веќе 30 години ја поддржуваат Босна и Херцеговина во одржувањето на сигурна и безбедна средина – рече Калас.

Таа нагласи дека денешната безбедносна состојба е стабилна, но и кревка.

– Се наоѓаме во период кога земјата се соочува со сериозна уставна криза, а раководството на Република Српска го поткопува уставниот и правен поредок, загрозувајќи ги основните слободи на сите граѓани. Ова однесување е спротивно на обврските што Босна и Херцеговина ги презела на својот европски пат. Нема да толерираме никакви закани за територијалниот интегритет, суверенитетот и уставниот поредок на Босна и Херцеговина. Секој обид за растурање на државата е неприфатлив- подвлече Калас.

Таа потсети дека во март беа распоредени дополнителни 100 припадници на силите на ЕУФОР како дел од оваа операција, нагласувајќи дека тоа е направено за да се испрати јасна порака: „ЕУ останува цврсто посветена на стабилноста на овој регион и безбедноста на Босна и Херцеговина“.

Калас најави дека следната недела министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разгледаат можности за уште посилен ангажман во Босна и Херцеговина и во целиот регион на Западен Балкан.

Посетата на Каја Калас доаѓа во услови на политичка криза во Босна, каде во февруари Судот на Босна и Херцеговина на прв степен го осуди лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, на една година затвор и шест години забрана за политичка дејност поради непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ.

Би можело да ве интересира

Фицо: Ќе одам во Москва, никој не може да диктира каде можам да патувам

Каја Калас за Србија: Земјите кои се кандидати за членство во ЕУ да не учествуваат на парадата во Москва

А1он

Калас: Нападите на Русија врз Украина се интензивираа по понудата за прекин на огнот

Каја Калас доаѓа во прва официјална посета на Балканот, Скопје не е на списокот

Горан Наумовски

Милановиќ: Каја Калас води опасна политика

Политико: Каја Калас се соочува со критики затоа што сè уште се однесува како премиер