Српскиот министер за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС) – Ивица Дачиќ денеска излезе од болницата каде што беше хоспитализиран поради тешка билатерална пневмонија и беше поврзан на респиратор до пред една недела.
„Ви благодарам на сите. Грижете се за вашето здравје, да живее Србија“, им рече тој на новинарите на излегување од болницата откако беше пуштен на домашно лекување.
Еден од лекарите потврди дека состојбата на Дачиќ е стабилна, но дека сè уште му е потребно следење и домашно лекување.
„Тој доби совет за терапија и наскоро ќе се видиме на преглед“, рече лекарот.
View this post on Instagram
Пред да ја напушти болницата, го посети српскиот претседател Александар Вучиќ, кој му рече дека е „крај на мрзеливоста“ и дека ќе се врати на работа следната недела.
„Ивица штотуку излегува од болница. Благодарен сум на лекарите што прават чуда и среќен сум за него и неговото семејство кои слават живот и голема победа. За да не се лути никој, тој е социјалист, јас не сум, па му благодарам и на Бога. П.С. Од следната недела ќе мора да ми се придружи во работата, нема повеќе мрзеливост“ – напиша Вучиќ во објава на социјалните мрежи.
Српскиот министер за внатрешни работи беше во болница од 25 февруари, кога беше интубиран и поврзан на респиратор, а лекарите ја опишаа неговата состојба како „многу сериозна“ и избегнаа да дадат поконкретни прогнози.
