Италијанец (57) успеа три години да ја добива пензијата на починатата мајка криејќи го нејзиното тело во подрумот и преправајќи се дека жената е сè уште жива!
Никој не забележа ништо чудно – ниту италијанските социјални служби, ниту соседите, ниту општината, според италијанските медиуми.
Неговиот бизарен план пропадна кога отиде во општината преправен како баба, со цел да ја обнови личната карта на починатата мајка. Потоа почна да се расплетува измамата.
Се испостави дека старицата од општината Борго Вирџилио почина во 2022 година, но дека синот не ја пријави смртта на властите, туку го скри телото за да може да ја подига нејзината пензија.
Го скри телото на несреќната старица во подрумот на семејната куќа и продолжи да живее сосема нормално, како ништо да не се случи.
Којзнае колку долго синот ќе ја примаше пензијата на починатата мајка ако личната карта на старицата не беше истечена. Без тој документ, беше невозможно да се завршат административните процедури потребни за исплата на пензијата.
Човекот смисли решение, па преправен како неговата мајка, тој отиде во општината сам да ги обнови нејзините документи.
Влезе во општинската зграда облечен во елегантен фустан, со перика и шминка за да изгледа како осумдесетгодишна жена. За среќа, несмасната стратегија не ги измами вработените. Тие едноставно го замолија да се врати во „посоодветна“ облека, но кога се појави вториот пат – локалната полиција веќе го чекаше.
Кратка истрага ја откри вистината. Полицајците отидоа во домот на човекот и го открија мумифицираното тело на неговата мајка во подрумот.
Телото беше префрлено во мртовечницата на болницата Мантуа на преглед.
Човекот сега е обвинет за прикривање на телото и злоупотреба на социјални бенефиции. Овој случај, достоен за филмско сценарио, го шокираше мирниот град со 15.000 жители.
