63-годишниот холивудски актер и оскаровец, Робин Вилијамс е пронајден мртов во својот дом денеска околу пладне по локално време.
Робин Вилијамс имаше 63 години, а за улогата во филмот „Добриот Вил Хантинг“ е награден со Оскар во 1997 година.
Неговото семејство по повод трагичната смрт издаде официјално соопштение: „Робин Вилијамс почина утрово. Водеше голема борба со акутна депресија последниве денови. Ова е трагична и ненадејна загуба за сите нас. Семејството моли за почитување на приватноста во овој тежок момент на жалост.“
Популарниот глумец е роден на 21 јули 1951 година во Чикаго. Прво се обидел да студира политички науки, но ги напуштил студиите по една година за да се запише на Факултетот за драмски уметности во Њујорк. За време на студиите, но и откако дипломирал, играл различни улоги, главно театарски комедии. Откако се наметнал како успешен глумец во комедиите кај многу режисери, набрзо се појавил и во неколку телевизиски хумористични серии, од кои најпозната е „Happy Days as Mork“.
На почетокот на осумдесеттите години ги добива и првите улоги во сериите кои се емитуваат на кабелските телевизии. Тие серии му донесуваат голема популарност, оосбено „Home Box Office“. На врвот на популарноста на телевизија ги добива и своите шоу емисии „Вечер со Робин Вилијамс“ и „Робин Вилијамс: Live at the Met“.
Во тие години ги добива и првите улоги во комедиите кои го прославија ширум светот: „Попај“, „Москва на Хадсон“, „Club Paradise“ и „The Best of Times“.
На А листата на холивудски глумци Вилијамс стигнува благодарение на номинацијата за Оскар за главната улога во филмот „Добро утро, Виетнам“. Следува и номинацијата за наградата на Академијата за улогата во филмот „Друштво на мртвите поети“. Солиден успех остварува и во филмот на Стивен Спилберг „Капетан Кука“, каде го игра Петар Пан.
Својот глас го позајми во цртаниот филм „Аладин“. Продуцентско деби, но и успешна главна улога оствари во комедијата „Mrs. Doubtfire“, каде играше татко кој мора да се преправи во куќна помошнчка за да помине повеќе време со децата.
Во деведесеттите години се истакнува со улогите во филмовите „Fisher King“, „Џуманџи“, „Девет месеци“ и „Добриот Вил Хантинг“, во кој имаше споредна улога за која го доби својот единствен Оскар. Глумеше и во Спилберговиот SF „AI“, „Инсомнија“, „Ноќ во Музејот“…
Веста за смртта на Робин Вилијамс го шокираше светот, а од сите страни почест му оддаваат колегите, пријателите фановите.
Вилијамс се разведе од својата прва сопруга Валерија Веларди во 1988 година, после десет години брак. Една година подоцна се ожени со Марсија Гарес, со која има две деца. Трет пат се ожени во 2011 година со Сузан Шнајдер.
Беше познат и по хуманитарната работа, беше голем вљубеник во велосипедизмот, рагбито, екологијата, а објави и неколку музички албуми