Британскиот актер Роби Колтрејн, од филмовите за Хари Потер, итно е префрлен во една болница во Орландо на Флорида, откако му се слошило во текот на авионскиот лет од Лондон кон САД.
Актерот се онесвестил во своето седиште па екипи на Брзата помош го пречекале на аердоромот во Орландо. Во првата изјава лекарите рекле дека Колтрејн има симптоми кои се „слични на тежок грип“ но засега нема објаснување за неговата здравствена состојба.
Неговиот агент изјави дека сега тој се одмора,но дека „се ќе биде во ред“.
Колтрејн патувал за САД,за да учествува на конвенцијата за Хари Потер,во организација на студиото на филмската компанија „Универзал“.
Тој е најмногу познат по толкувањето на ликот на Хагрид, во серијата филмови за Хари Потер, направени по романите на британската писателка Џ.К.Ролинг. Во авионот за Орландо бил и актерот Мајкл Гамбон, во истата серија филмови познат како толкувач на ликот на Дамблдор.
Агентот на Колтрејн ги отфрли како „сосема некоректни и апсолутно неточни“ тврдењата на некои патници во авионот за Флорида, како и на сведоци ека актерот уште на аеродромот Хитроу во Лондон бил „мртов пијан“.
Според објаснувањето на агентот, Колтрејн бил мошне изморен поради лошите врски и тешкиот лет од Глазгов за британскиот главен град, поради големите снегови во Шкотска.