Во Метрополис арената на Скопски саем вечер почнува Винскиот фестивал 2014.
Манифестацијата четврта година по ред ја организира Групацијата ЕРА. Оттаму најавуваат одлична забава со „Дивље јагоде“, Симон киселички – трио, „Нокаут“, Аренси бенд и атракцијата „Хавана микс“ од Куба која ќе настапува сите три дена.
Посетителите ќе можат да уживаат во вкусот на околу 200 различни вина од домашните винарии, но и да пробаат странски, пред се италијански вина.
– Фестивалот почнува во 19 часот, со свирка на „Деј оф“. По нив се Кубанците „Хавана микс“ кои ќе изведуваат светски хитови, но и традиционална, етно музика. Вечерта завршува со „Дивње јагоде“. Во петок е Симон Киселички со своето трио, повторно „Хавана микс“ и Нино Величковски со Алтан оркестарот, додека во сабота, на завршната вечер, настапуваат Аренси бенд, „Хавана микс“ и „Нокаут“, информира проект менаџерот на Винскиот фестивал Иво Ивановски.
Според него, Фестивалот претставува промоција на нашата богата винска култура и проширување на семејството на вински ентузијасти.
Влезниците чинат 100 денари, а чашите за вино ќе се продаваат за 50 денари.
Минатата година на Винскиот фестивал дошле околу 10.000 лица, а годинава се очекуваат повеќе.