Сефот на неодамна починатиот американски музичар Принс, во којшто, како што се претпоставува, се чуваат илјадници необјавени композиции, го отвориле претставници на компанијата „Bremer Trust“, која доби времена дозвола за располагање со наследството на овој продуктивен музички гениј.
Принс, кој во кариерата издаде 39 студиски албуми и неколку десетици други музички проекти, според телевизијата ABC News, својата архива ја спомнал само еднаш во разговорите за медиумите, велејќи дека има толку многу дела, и оти се надева дека некој некогаш ќе ги издаде.
Претходно медиумите објавија дека оваа архива може да содржи повеќе од две илјади снимки. Попрецизни информации во врска со содржината на сефот на Принс, засега не се соопштени.
Бидејќи Принс не оставил тестамент, судбината на неговите аудио снимки не може да биде определена пред да биде решено прашањето со наследството на славниот музичар, а тоа може да се протегне во долга правна битка, забележува телевизијата.
Принс, ексцентричниот американски пејач, гитарист, композитор и текстописец, почина на 21-ви април на 57-годишна возраст, кога полицијата која пристигнала на повик го нашла без свест во лифтот на комплексот „Paisley Park Studios“ во предградието Чанхасен, крај Минеаполис, каде што е роден како Принс Роџер Нелсон.
Принс стекна планетарна слава по издавањето на албумот со наслов „1999“ во 1982 година. Во текот на кариерата сними 39 албуми, објави 136 видео клипови и шест компилации. Неговите албуми се продадени во повеќе од 100 милиони примероци.
Добитник е на многу престижни награди, меѓу кои се седумте Греми, и по еден Златен глобус и Оскар.Во 2005 година неговото име влезе во Рокенрол куќата на славните