Отворен повик за учество на 8. НАСА Хaкатон за вселенски иновации, прв пат во виртуелна форма

Од:

Светскиот хакатон NASA Space Apps Challenge оваа година во нашата земја ќе се одржи по осми пат во организација на Њуменс Бизнис Акцелератор од 2 – 4 октомври 2020, но по прв пат ќе биде во форма на комплетно виртуелен настан заради безбедност на сите учесници.

Како што информираат организаторите, реализацијата ќе биде поддржана од глобална виртуелна форма преку која можат да се формираат тимовите, заеднички да се работи на решенијата, а учесниците ќе можат и директно да разговараат со експертите од NASA кои ги креираа овогодинешните предизвици.

Станува збор за најголемиот хакатон во светот кој се случува истовремено на над 200 локации на пет континенти и поврзува отворени податоци од вселенските агенции со млади иноватори и решавачи на проблеми. Целта на настанот е да поттикне соработка, креативност и критичко размислување, да поттикне интерес за наука и истражување поврзано со Земјата и Вселената и да инспирира нови генерации на научници, технолози, дизајнери, инженери и претприемачи. NASA Space Apps Challenge е менаџиран од дивизијата Наука за Земјата во централата на NASA во Вашингтон, САД.

Предноста што настанот оваа година се одржува виртуелно, како што се посочува, е што нема потреба да се доаѓа на физичката локација во Скопје и секој може да учествува од својот дом независно каде се наоѓа, а тимовите можат да бидат составени дури и од учесници кои живеат и работат во странство. Ова може дополнително да им ги зголеми шансите за добар пласман па и победа доколку состават добар тим со максимум шест члена со различни вештини.

Овогодинешниот хакатон, е поддржан од традиционалниот партнер Американската Амбасада во Скопје, а освен NASA оваа година партнери се уште четири вселенски агенции и тоа: Канадската (CSA), Француската (CNES), Јапонската (JAXA) и Европската (ESA) кои исто така обезбедуваат податоци, ресурси и експерти.

Предизвиците на кои ќе може да се работи се организирани во шест категории и тоа:
Набљудувај, Информирај, Одржи, Креирај, Спротистави се, Поврзи се.

Хекатонот е наменет за средношколци и студенти, а пријавувањето е прво на формата https://forms.gle/YyiB4xjhjookojqS7, а потоа и на глобалната страница https://2020.spaceappschallenge.org/locations/skopje/ по што ќе добиете покана за учество на онлајн Meet-up сесија каде ќе можете дополнително да се информирате.

На крајот од Хакатонот ќе бидат прогласени трите победнички тимови кои ќе добијат трофеи и награди обезбедени во соработка со Sony, а ќе бидат номинирани и за една од шестте глобални награди од NASA со можност да добијат покана за посета на Kennedy Space Центарот во Флорида и да присуствуваат на полетување на ракета, по отворањето на границите со САД.

Годинава, по шести пат се организира и натпревар за најмладите NASA KIDS Space
Challenge за сите на возраст од четири до 14 години. Пријавувањето е на: https://forms.gle/
V7dBq4gPT3PEBUfB8 редовни апдејти на: https://www.facebook.com/NASASpaceTechMK
и https://www.facebook.com/NewMansBA .

Би можело да ве интересира

Хакатон за вселенски иновации на НАСА за студенти и средношколци

Ана Ололовска