Судот во Њујорк потврди дека Шон Диди Комбс (Паф Диди) го отфрлил договорот за признавање на вината на федералните обвинители што би му дозволиле намалена затворска казна во замена за признавање на вината, пренесува ABC News.
Одлуката е донесена на само три дена пред почетокот на судскиот процес, кој опфаќа тешки обвиненија за рекет, трговија со луѓе и организирање проституција.
Судијата Арун Сабамениан лично го праша музичарот дали ја одбива понудата на обвинителот.
„Да, одбивам“, одговори Комбс на сослушувањето. Детали за одбиената спогодба не се објавени.
Судењето започнува во понеделник со изборот на поротата, додека воведните изјави се закажани за 12 мај. На Комбс му се заканува доживотен затвор доколку биде осуден по сите точки од обвинението.
Обвинителите наведуваат дека славниот продуцент со години ги принудувал жените да имаат сексуални односи за време на таканаречените „freak-off“ забави. Во обвинението се наведува дека тој раководел со криминална организација преку која систематски злоупотребувал повеќе жртви низ земјата.
Еден од клучните сведоци ќе биде неговата поранешна партнерка, пејачката Кеси Вентура, која јавно го обвини за силување и долгорочно злоставување во 2023 година. Тој случај набрзо беше решен надвор од судот, а деталите за спогодбата не се познати.
Адвокатите на Комбс најавуваат одбрана врз основа на тврдењето дека станува збор за „свингерски животен стил“, кој нивниот клиент не го доживеал како проблематичен бидејќи, според адвокатот Марк Агнифил, тој е „вообичаен и општествено прифатен во одредени кругови“.
Во текот на судењето се очекуваат крајно шокантни сведоштва. Обвинителите најавија сведочења за „годишно физичко малтретирање, дрогирани секс маратони под присила и повеќекратни силувања“.
Комбс е во притвор во Бруклин од неговото апсење во септември 2024 година.
Тој беше уапсен откако властите ги пребараа неговите луксузни куќи во Лос Анџелес и Мајами, каде наводно биле пронајдени пушки АР-15 и илјадници шишиња лубрикант. Судењето се очекува да трае меѓу осум и десет недели.