На 22 март македонска премиера на филмот „Бикини Мун“

Од:

Македонската премиера на петтиот игран филм на Милчо Манчевски „Бикини Мун“ ќе биде на 22 март во „Милениум“ од 20 часот, а потоа ќе продолжи да се прикажува на редовниот репертоар на киното.

Светската премиера на филмот беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија. На 38. Меѓународен филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, филмот на Манчевски ја освои специјалната награда од жирито.

„Бикини Мун“ вчера беше прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Софија во програмата „Мастери“, а пред тоа и на ФЕСТ во Белград. Деновиве филмот ќе биде прикажан и на фестивалите во Сарасота во Флорида, во Истанбул, на Филмскиот фестивал Менхетен во Њујорк, во Франкфурт и Нешвил во мај.

„Бикини Мун“ е американско-германската копродукција, модерна мрачна бајка која говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Структуриран е како филм во филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана.

Главната хероина Бикини Мун Дејвис, која ја игра актерката Кондола Рашад, е повратничка од војната во Ирак. Таа е харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија.

Филмот е во целост сниман на локации во Њујорк. Во главните улоги се и Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Покрај режисерот Манчевски, единствен Македонец во филмската екипа е композиторот на музиката – Игор Василев Новоградска.

Влезниците за „Бикини Мун“ во кино „Милениум“ од утре ќе бидат во продажба.

Би можело да ве интересира

„Бикини Мун“ на Манчевски со кино премиера во Њујорк

Наум Локоски