Адвокатите на војводата и војводката од Кембриџ, принцот Вилијам и неговата сопруга Кетрин Мидлтон, соопштија дека нивниот син, принцот Џорџ, од извесно време, е „жртва на вознемирување и прогонување“.
Во денешното соопштение на Кенсингтон Палата, службената резиденција на војводата и војводката, се посочува дека станува збор за „еден маж“ кој го фотографирал малиот принц, заедно со неговата дадилка, па од него јавно е побарано тој да престане да го „вознемирува“ детето.
Во официјaлнoто соопштение се вели дека родителите на принцот морале да преземат ваква акција, откако овој човек се сместил близу до 14 месечното дете и до дадилката, во еден лондонски парк, во центарот на градот.
– Нема родител во светот кој би го толерирал сомневањето кон некој што го вознемирува нивното дете, се вели во официјалното соопштение.
Засега, војводата и војводката нема да преземаат никакви правни мерки за да се заштити малиот принц, задоволувајќи се со јавното барање да се остави детето на мир и да се престане со следењето, иако некои лондонски правни екслерти сметаат дека има основа и за формално обвинување.
Човекот чиј идентитет не се открива, бил само предупреден од оперативците кои се грижат за безбедноста на кралското семејство.
Некои лондонски медиуми, сепак, пишуваат дека „човекот“ не е кoj било, туку некој за кого се верува дека низа години, има врски со кралското семејство.
Кенсингтонската Палата стравува дека принцот Џорџ, можеби, извесно време се наоѓа под постојана присмотра и рутинско дневно следење.
Принцот Вилијам и Кетрин Мидлтон имаат разбирање за тоа дека нивниот син ќе има улога во британскиот јавен живот, што еден ден ќе ја наследи, но бараат сега тој да биде оставен за да може, колку што е тоа можно да има обичен живот на мало дете, се вели во соопштението од Палатата.