Како мајка на три деца, принцезата од Велс секојдневно се справува со нивните постапки и се грижи за нивното однесување во јавноста, а кога работите ќе излезат од контрола – таа има проверен метод.
Кејт Мидлтон е мајка на три деца и редовно се појавува со нив на важни настани на кралското семејство, а најмногу внимание често привлекува принцот Луис, кој веќе неколку пати ја насмеал јавноста со своите гримаси, гестикулации и постапки. Наводно, принцезата од Велс има едноставен начин да им даде до знаење на своите деца дека е време да се смират.
Авторот Том Квин во книгата „Позлатена младост: Интимна историја на растењето во кралското семејство“ (Gilded Youth: An Intimate History of Growing Up in the Royal Family) пишува за методот што Кејт Мидлтон наводно го користи за време на јавни настани.
Повикувајќи се на разговори со поранешни членови на персоналот на кралското семејство, тој тврди дека Кејт има еден вид „таен код“ за принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луис.
Како пример, тој ја наведува прославата на платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора, за време на која Луис привлече големо внимание со своето однесување. Во еден момент, тој дури и ѝ го исплази јазикот на мајка си.
Квин тврди дека во такви моменти Кејт не го крева гласот и не ги прекорува децата јавно, туку едноставно вели: „Ајде да направиме пауза“.
Според еден поранешен член на кралскиот персонал цитиран од Квин во книгата, децата многу добро знаат дека оваа навидум безопасна реченица всушност значи дека треба да го променат своето однесување.
Ако ја слушнат, ним им е јасно дека ја преминале границата и дека, доколку продолжат така да се однесуваат, дома може да ги чекаат последици.
„Децата знаат дека тие зборови имаат многу поголема тежина отколку што изгледаат“, изјави поранешниот вработен во кралското семејство.
Ваквиот пристап е во согласност и со темите на кои Кејт им посветува голем дел од своите јавни активности.
Принцезата од Велс со години се занимава со прашањата за раниот детски развој и важноста на првите години од животот.
