Поранешниот член на „Ролинг Стоунс“ Бил Вајман соопшти денеска дека боледува од рак на простата, но објасни дека верува во брзото опоравување, затоа што болеста била откриена во нејзината рана фаза.
Вајман кој е роден во источен Лондон, на групата и се приклучи во 1962 година и остана со „Стоунси“ до 1993 година.
По разделбата со Мик Џегер, Кит Ричардс и Чарли Вотс, формираше своја група „Ритам Кингс„ со која, сепак, ни приближно не го постаигна она што го направи како бас гитарист на „Ролинг Стоунс“.
Во јавноста последен пат се појави минатата недела, за време на венчавката на медиумскиот тајкун Руперт Мардок со Џери Хол, поранешна долгогодишна партнерка на Мик Џегер.
Вајман имаше 25 години кога им се приклучи на „Стоунси“ велат затоа што само тој имал добар амплифаер.Беше најстариот член на групата.
“Свирењето со „Стоунси„ за мене секогаш создаваше притисок.Тие инсистираа дека секој нареден албум мора да биде најдобриот, или барем да се продаде во тираж, поголем од претходниот„- изјави Бил Вајман во 2008 година, во интервју за лондонски „Дејли Телеграф“ објаснувајќи дека тој никогаш не бил таков и дека сам му било многу подобро.
Во осумдесетите години на 20 век, Вајман предизвика контроверзи во британската јавност, кога на возраст од 52 години, се ожени за 18 годишната Менди Смит, признавајќи дека почнал да се среќава со неа уште додека таа имала 14 години.