Под мотото „Don’t Worry, Be Ohrid!” (“Не се грижи, биди Охрид!”) од 10 до 14 октомври во Охрид, со над 300 учесници, ќе се одржи четвртиот меѓународен гастрономски натпревар „ГастроМак 2019“.
– На „ГастроМак 2019“ е најавено присуство на над 300 учесници – натпреварувачи од 30 земји – Азербејџан, Русија, Кореја, Италија, Франција, Украина, Турција, Албанија, Србија, Хрватска…, потоа – над 90 лиценцирани судии на ВАЦС, гастрономски амбасадори и почесни гости од сите краишта на планетата, изјави претседателката на „ГастроМак“, Адријана Алачки.
Алачки наведе дека на натпреварот се ќе се одвива на „два фронта“ – во хотелот „Нова Ревиера“ ќе се одржува натпревар, а пред хотелот ќе се случуваат презентации за сите гурмани од нашата, но и од од другите интернационални кујни.
– Еден од настаните што не треба да се пропушти е „Фиш фест“ на Дон Давид, што ќе се случува на 12 октомври, настан во настан, кога судиите, 10 „Мишелин ѕвезди“ ќе приготвуваат скара за присутните, посочи Алачки.
Шеф Љупчо Гиевски рече дека целта на Асоцијацијата е да се грижи за богатата традиционална култура на нашето поднебје и „да ги промовира едукативните процеси кај готвачите и да воведе светски кулинарски трендови во чекор со современата македонска кујна“.
– Имате доволно причини да бидете дел од „ГастроМк“ приказната, а ние заедно со Општина Охрид, со хотелот „Нова Ривиера“ ќе се потрудиме да го оправдаме признанието – најдобар натпревар во Југоисточна Европа, истакна шеф Весна Тодоровска- Алачковска.
Овогодишен претседател на судскиот тим е Стево Карапанџа.
Од „ГастроМак“ информираа дека натпреварот е логистички поддржан од Светската асоцијација на здруженијата на шефови на кујни (ВАЦС), организација што обединува националните кулинарски здруженија од преку 150 држави во светот.