Предмети од повеќе од шест децении филмска историја на Џејмс Бонд се понудени на продажба на специјална онлајн-аукција организирана од аукциската куќа „Пропстор“ (Propstore). Колекцијата опфаќа околу 400 предмети поврзани со славниот агент 007, вклучувајќи костими, книги, филмски постери и реквизити од различни продолженија на серијалот. Наддавањето е отворено за заинтересирани колекционери од целиот свет и ќе трае до 27 октомври.
Меѓу највредните предмети е костумот на „Том Форд“, што го носеше Даниел Крејг во филмот „Скајфол“ (Skyfall) од 2012 година. Комплетот, кој вклучува и соодветна кошула и манжетни, е проценет на околу 47.300 евра.
На слична цена се проценуваат и фустанот и сандалите што Ана де Армас ги носеше во филмот „Нема време за умирање“ (No Time to Die) од 2021 година.
Љубителите на книжевниот свет на Џејмс Бонд ќе можат да наддаваат и за комплет од 14 први изданија на книгите од Ијан Флеминг, авторот кој го создаде познатиот британски таен агент. Вредноста на оваа колекција се проценува на околу 45.000 евра.
Меѓу понудените предмети се наоѓа и голем филмски постер за „Д-р Но“ (Dr. No) од 1962 година, зајакнат со платно, чија проценета вредност достигнува 19.600 евра. Филмска клапа од снимањето на „Октопуси“ (Octopussy) од 1983 година, пак, би можела да биде продадена за повеќе од 8.900 евра.
Аластер Меккри, директор за прием на предмети и проценки во „Пропстор“, во изјава за „Холивуд рипортер“ (The Hollywood Reporter) рече дека аукцијата привлекува големо внимание поради трајната популарност на филмскиот лик.
Според него, Џејмс Бонд има посебно место во популарната култура, а секоја генерација има свој омилен актер во улогата, филм и сцени што ги памети. Токму таа поврзаност со различни генерации, посочи Меккри, ги прави оригиналните филмски предмети особено интересни за колекционерите.
Аукцијата се одржува во период кога се очекува да биде откриен актерот што ќе го наследи Даниел Крејг во улогата на агентот 007. Според најавите, снимањето на следниот филм би можело да започне во 2027 година, додека премиерата засега е планирана за 2028 година.
