Британската полиција денеска изврши претрес во една од куќите на славниот пејач Клиф Ричардс, отако е добиена пријава за извршено сексуално насилство врз малолетник, во 80-те години на 20 век.
Полицијата од Јужен Јоркшир, засилена и со полицајци од лондонската полиција ја претресуваа куќата на Ричардс во англиската област Беркшир, но засега никој не е уапсен.
Сопственикот на куќата не бил присутен во време на претресот, а засега нема никаков коментар од пејачот, или од некој од неговите соработници.
Двете полиции потврдија дека вршат претрес во куќата на Ричардс, како и дека налогот за оваа операција е добиен по пријавата за сексуално насилство врз момче, што се случило пред триесетина години кога момчето имало 16 години.
Полицијата верува дека овој случај не е поврзан со се уште отворената истрага против поранешниот, сега починат ди џеј на Би-би-си, Џими Савил, која се прошири и врз неколкумина други радио и тв водители од шеесетите и седумдесетите години на минатиот век.
Лондонските медиуми откриваат дека Ричардс се наоѓа на одмор во Португалија, во својата тамошна куќа. Тој има и вила и простран имот на карипскиот остров Барбадос што се проценува на шест милиони фунти.
Куќата која денеска се претресува во потрага по докази за поддршка на пријавата за насилство, е во сопственост на пејачот од 2008 година.
Клиф Ричардс чија кариера започна уште во раните 60-ти години на 20 век, продолжи цели шест децении. Во својата долга кариера тој има продадено над 250 милиони плочи и цд низ целиот свет, а во Велика Британија тој се уште важи за еден од најомилените пејачи на сите времиња.
Тој е познат како мошне посветен христијанин и никогаш не бил женет. Во 1996 година, кога во дел од лондонските весници се појавија сомнежи дека е хомосексуалец, Ричардс мирно одговори дека станува збор за измислувња и за обични шпекулации и категорично тврдеше дека не е геј.