Синот на убиениот американски сенатор Роберт Боби Кенеди се ожени по третпат на свеченост на семејниот имот во сојузната американска држава Масачусетс, која претставува „седиште“ на кланот Канеди.
Роберт Кенеди Јуниор (60) се венча со Черил Хајнс (48), американска телевизиска актерка, која двапати досега беше номинирана за престижната награда „Еми“.
Новата венчавка на Боби Јуниор американските медиуми ја означуваа како можност за ново собирање на целиот клан, со кој сега управува Етел Кенеди (86), мајка на младоженецот и вдовица на некогашниот сенатор, а пред тоа и член на американската администрација од првата половина на 60-те години на 20 век.
На свадбата биле поканети над 600 луѓе, а на неа биле и петте деца на Боби Јуниор од неговите два претходни брака, како и ќерката на неговата нова сопруга.
Венчавката на Кенеди доаѓа само две години по самоубиството на неговата претходна сопруга, која се обеси во нивната семејна куќа во мај 2012 година, кога нивниот брак беше распаднат, откако беше откриена врската на сопругот со актерката Черил Хајнс.
Боби Јуниор имаше 14 години кога во август 1968 година беше убиен во атентат неговиот татко Роберт Кенеди. Тој му беше брат на американскиот претседател Џон Кенеди кој пет години пред тоа, во ноември 1963 година, во Далас, во Тексас, беше исто така убиен во атентат.
Таткото на Боби Кенеди, популарен политичар меѓу американските демократи од тоа време, беше убиен во еден хотел во Лос Анџелес за време на изборната кампања за претседател на САД. Атентаторот Сирхан Сирхан со палестинско потекло беше осуден на доживотен затвор и тој се уште ја издржува казната.