Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе го реализираат проектот „Бајки од Македонија“, во кој ќе бидат објавени четири бајки наменети за деца од предучилишна возраст.
Целта е да се брендираат ликови од сказните кои се автентични за македонското поднебје и култура, а со кои изобилува македонскиот фолклор, со што ќе се афирмира народното творештво како национална вредност.
Ангелка Пеева-Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Здружението Иво Лауренчиќ – „Браво сине“, на прес-конференција соопшти дека кон крајот на август ќе бидат избрани четири приказни од богатата народна ризница кои ќе се приспособат на јазик за претшколските деца. За квалитетен избор на приказните кои ќе станат сликовници ќе бидат консултирани стручни лица од Институтот за фоклор „Марко Цепенков“. Потоа на конкурс ќе бидат избрани млади илустратори и дизајнери за визуелно да ги претстават ликовите кои ќе станат македонски бренд, како што се, на пример, Дизниевите јунаци.
Ја поттикнало и тоа што како мајка на мали деца знае дека доминантни се митовите и бајките однадвор, на Грим, Андерсен.., а во македонскиот фолклор, рече, има многу непознати и недоволно промовирани, кои се запишани од собирачите на умотворби, како Цепенков или Жинзифов. Проектот, исто така, ќе им овозможи и на младите автори да го изразат талентот и креативноста, оживувајќи ги визуелно самовилите, змејовите и другите ликови од приказните.
– Да се работи на ваков проект наменет за најмладите претставува огромно задоволство, но истовремено и голема одговорност, бидејќи наша цел е да создадеме модерен бренд што истовремено ги содржи сите елементи што ќе гарантираат врвен квалитет. Се надевам дека „Бајки од Македонија“ ќе биде омилено семејно четиво, истакна Пеева-Лауренчиќ.
Билјана Црвенковска, уредник во издавачката куќа „Арс Ламина“, рече дека овој проект се совпаѓа со нивните цели за 2015 година и со фокусираноста да објавуваат литература за деца.
– Претшколската возраст е важна и бара квалитетни изданија. Децата знаат што е добро и треба да се едуцираат за нашиот фолклор. Треба да им понудиме ликови автентични, сосема поинакви од увезените, рече Црвенковска.
Понудените решенија за илустрација на бајките кои ќе пристигнат на конкурсот ќе ги оценуваат претставници на сите три партнери во проектот, а најдоброто креативно решение ќе добие парична награда од 200.000 денари што ги обезбедува Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“. Целата едиција „Бајки од Македонија“ ќе биде отпечатена во мај 2016 година.
По првиот, успешно реализиран минатата година („Слатко со идентитет“), ова ќе биде втор проект на Движењето кое е именувано по Иво Лауренчиќ, еден од основоположниците на современата креативна и маркетинг индустрија во Македонија и во регионот. Целта на Движењето е да се создадат силни национални брендови преземени од македонската традиција.