Американскиот технолошки гигант Амазон планира да намали околу 14.000 работни места во корпорациите, најавувајќи фокус на вештачката интелигенција (ВИ) и паралелно намалување на трошоците во други области
Раководството на онлајн малопродажниот гигант ќе ги извести одделите и поединците кои ќе бидат погодени од намалувањето на работните места, објави АП.
„На повеќето работници ќе им бидат дадени 90 дена интерно да бараат нова позиција“, напиша вишиот потпретседател на Амазон за човечко искуство и технологија, Бет Галета, во писмо до вработените денес.
Оние кои не се во можност да најдат нова работа во компанијата или изберат да не бараат таква, ќе добијат преодна поддршка, вклучувајќи отпремнина, услуги за преместување и здравствено осигурување, според соопштението.
Амазон има околу 350.000 вработени во корпорацијата и вкупна работна сила од приближно 1,56 милиони луѓе, а намалувањата објавени денес претставуваат удел од вкупната работна сила од околу четири проценти.
Главниот извршен директор Енди Џаси, кој агресивно се стреми да ги намали трошоците откако стана извршен директор во 2021 година, во јуни изјави дека очекува генеративната вештачка интелигенција да ја намали корпоративната работна сила на Амазон во следните неколку години.
