Многу контрадикторни работи слушнавме денеска, од што е јасно само едно, дека сето ова е однапред договорено и осмислено, со заднина да им се наштети на обвинетите и да се донесат сведоци што ќе кажат вакви бомбастични работи, непоткрепени и не поддржани, вели адвокатот Боби Спирковски, бранител на поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, во случајот Онкологија 1 за несовено лекување на пациенти.
Прашан за коментар на изјавата на еден од оштетените сведоци на денешното рочиште за случајот, дека имала проблем во обезбедување на терапијата и оти имало договор да се почастат, адвокатот Спирковски рече дека најчудно е што сведокот не пријавил, зошто не знаел каде да пријави.
-Најчудно во целата таа сторија на тој сведок, беше дека, на прашањето зошто не сте го пријавиле доктор Васев, рече не знаев каде да го пријавам. Па се знае кога некој ти бара поткуп, каде се пријавува, во полиција. Како што и тој правел, тогаш кога, некои вработени биле фатени во кражба на лекови, пријавувал во полицијата Беко, изјави Спирковски.
Тој, исто така, посочи дека денеска имало уште едно сведочење за барање пари од друг доктор во постапката, што според него го отворање прашањето зошто обвинителството не ги обвинило лекарите и за давање и примање на поткуп.
– Меѓутоа, сето тоа, толку неодредено. Прво, да разјасниме, една работа, од правен аспект во оваа постапка не се води кривично дело давање и земање поткуп. Ако Обвинителството имало такви сознанија, а очигледно имало штом ги предлага токму овие сведоци што даваат таков драстичен исказ, зашто не ги обвинило лекарите и за давање и примање на поткуп. Зошто, сега се оди со вакви сведоци, очигледно, однапред инструирани, бидејќи таа точно знае какви прашања да постави, а ние немаме никаков записник од сослушувањето на тие сведоци. Ние, едноставно бевме фатени неспремни. Тоа не се прави, тогаш нема одбрана, не знаеме што се случило, а таа се знае, нагласи Спирковски.
Тоа јасно укажува, рече Спирковски, дека се работи за конструкција и со една заднина да им се наштети на обвинетите и да се донесат сведоци што ќе кажат вакви бомбастични работи, непоткрепени и не поддржани.
-Знаете, тој што дава поткуп еднакво одговар со оној што прима поткуп. И во оваа ситуација, ваквите сведоци се свесно изложени на кривично правен прогон. Ако тоа се докаже за доктор Нино Васев и за доктор Симонида Црвенкова, тие две што тоа го направиле, што го дале, подеднакво ќе бидат осудени како и докторите. Тоа некој требало да им каже и судијката на почетокот ги опоменува сите сведоци, ако се изложите на кривично правен прогон, тоа немој да го кажувате, а тие го кажуваат, изјави Спирковски.
Многу контрадикторни работи, нагласи Спирковски, од што е јасно само едно, дека сето ова е однапред договорено и осмислено.
-Како и да е, добивме и други сведочења, исто контрадикторни. Бевте сведоци на првиот сведок што се најдобро кажа за доктор Васев, и дека имале и фамилијарни врски и контакти во секое време, а на крај дали се приклучувате кон кривичниот прогон и кон барањето оштета, рече да. Па ако се било во ред, ако сте имале фамилијарни врски и лекувањето било добро, зошто се приклучувате на кривично правен прогон и притоа барате оштета. Мислам, исклучително контрадикторни работи, посочи Спирковски.
Денеска пред Судот беа сослушани повеќе оштетени сведоци, законски застапници на починати пациенти, кои зборуваа за лекувањето и конкретната терапија на Клиниката за онкологија.
