ЗНАМ ја почна процедурата за кандидати за градоначалници, во тек се разговори со ВМРО-ДПМНЕ

Од:

Централниот одбор на движењето ЗНАМ – За наша Македонија на синоќешниот состанок донел одлука за отпочнување на постапка за евидентирање кандидати за советници за претстојните локални избори, додека за кандидатите за градоначалници во тек се разговори со нивниот владин партнер, ВМРО-ДПМНЕ, кои очекуваат да завршат до крајот на месецот, по што ќе бидат соопштени имињата.

Како што информираше денеска на прес-конференција портпаролот на партијата, Никола Мемов, во моментов се одвиваат разговорите за кандидати за градоначалници и за општините и за градот Скопје со ВМРО-ДПМНЕ, при што извесно е дека на изборите ќе настапат самостојно и за кандидатите за градоначалници и за советничките листи, односно онаму каде што кандидат ќе има ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ нема да има и ќе ја даде поддршката за истиот.

– Централниот одбор во проширен состав синоќа донесе одлука за отпочнување на процедура за советници, како за општините, така и за Градот Скопје. За градоначалници во тек се разговори со ВМРО-ДПМНЕ, кои очекуваме да завршат до крајот на месецот. Разговараме за повеќе општини, дефинирано е за Куманово, неколку во Скопје и повеќе помали општини низ цела држава. Кога ќе завршат разговорите, кога ќе имаме конечен договор со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ низ процедурите на партиските органи ќе ги дефинираме кандидатите и ќе ги соопштиме во јавноста, нагласи Мемов.

Истакна дека ставот на ЗНАМ е дека на изборите ќе настапат самостојно, но со целосна взаемна поддршка и соработка со ВМРО-ДПМНЕ.

– Ставот на ЗНАМ е дека на овие избори ќе настапиме самостојно и на советничките листи и за кандидати за градоначалници. Таму каде што ќе имаме кандидат на ЗНАМ, тој ќе биде во договор со ВМРО-ДПМНЕ поддржан од нивна страна и тие таму нема да имаат кандидат, значи ќе имаме целосна взаемна поддршка уште во првиот круг, нагласи Мемов.

На синоќешната седница на партискиот Централен одбор биле донесени одлуки за вториот бран активности, кои ќе се одвиваат под мотото „Со срце за нашата општина“, а донесена е и одлука за назначување на генералниот секретар на партијата, Горан Минчев за шеф на Централниот изборен штаб.

– Ова е продолжение на она што веќе го направивме, успешната кампања „Заедно повеќе знаеме“ – кампања што не донесе само резултати, туку доверба, надеж и чувство дека народот повторно има со кого. Во изминатиот период, ги посетивме сите населени места. Се сретнавме со стотици граѓани. Ги слушавме реалните проблеми, не преку извештаи, туку директно од луѓето, нивните маки и надежи. Ниту една теренска активност не беше маркетинг. Се беше искрено, се беше вистински разговор, се беше, народ и движење, лице во лице, рече портпаролот Мемов.

Истакна дека со „Со срце за нашата општина“ не значи само дека ќе бидат присутни, туку дека заедно со граѓаните ќе ја создадат најавтентичната, најчесната и најреалната програма за претстојните локални избори, посетувајќи го секој град, секое населено место.

– Доста беше со празни ветувања и маркетиншки балони. Ние не ветуваме што не можеме да оствариме. Што ќе ветиме – тоа ќе го реализираме! Затоа што нашата политика не се темели на желби на моќници, туку на реални потреби на граѓаните! ЗНАМ веќе покажува резултати. Покажавме дека може да се води поинаку, чесно, праведно, храбро. На локалните избори оваа есен, граѓаните ќе имаат вистински избор, да го поддржат овој искрен, решителен пристап за промена – Македонија во која законите важат за сите, каде што секој има право, но и одговорност, додаде тој.

Во однос на процедурата за кандидати за советници, рече дека критериумите се јасни и недвосмислени, односно потребни се етички капацитет, јасна заложба за заштита на државните интереси, почитување на сите етнички заедници и посветеност на европските вредности.

Мемов информираше и дека на 29 јуни Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ќе го одржи Вториот изборен Конгрес, на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, нов состав на Централниот и Надзорниот одбор, со полн четиригодишен мандат.

Би можело да ве интересира

Максим Димитревски повторно ќе се кандидира за градоначалник на Куманово

Во Скопје формирана Градската организација на Движењето ЗНАМ

Мемов на средба на директорите на фондовите на пензиското и инвалидското осигурување во Сараево

Движење ЗНАМ – За наша Македонија: Додека СДСМ ја продаваше државата, Максим зборуваше гласно

Реагираат од ЗНАМ: Неосновани се обвинувањата за имотот на Максим Димитриевски

А1он

Апасиев: Секојдневни убиства и пукања, а ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ го либерализираат оружјето