Започна одбележувањето на 30-годишнината од независноста, оддадена почит на поранешните претседатели Глигоров и Трајковски

Од:

Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и бројни други делегации претпладнево положија венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски со што започна одбележувањето на 30-годишнината од независноста. Поранешните претседатели на државата Глигоров и Трајковски дадоа значаен придонес во воспоставувањето на самостојната државност на нашата земја.

Во алејата на великаните на гробиштата во Бутел, пред гробните места на претседателите Глигоров и Трајковски венци со свежо цвеќе положија претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски.

Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија на церемонијата на положување цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски ја предводеше премиерот Зоран Заев придружуван од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот во Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерката за образование и наука Мила Царовска.

Покрај членовите на делегациите на државниот врв, свежо цвеќе положија и оддадоа почит и делегација на Армијата, на Сојузот на борците, на повеќе државни и општествени институции, на дипломатскиот кор, на верските заедници, на граѓанските организации, на политичките партии, на ЗЕЛС и на Градот Скопје, како и бројни други делегации.

Централната свечена програма за одбележување 30 години независност на Република Северна Македонија, како високо-церемонијална државна манифестација ќе започне денеска во 17:00 часот пред Собранието на Република Северна Македонија и со своите содржини ќе биде посветена на историскиот референдум на 8 септември 1991 година, кога граѓанките и граѓаните на Република Македонија го потврдија илинденскиот и асномскиот континуитет и масовно го дадоа својот глас за независност на нашата држава како суверен меѓународен субјект и за меѓународно признавање како рамноправна членка на заедницата на народите.

По повод трите децении независност, претседателот Стево Пендаровски денеска со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.

Би можело да ве интересира

Владата во боите на македонското знаме по повод Денот на независноста

ВИДЕО: НАТО со честитка за Денот на независност на Македонија

Бесплатни културни настани и слободен влез во музеите, галериите и на локалитетите за Денот на независноста

Доделување на државната награда „8 Септември“

32 години македонска независност

Почесна артилериска стрелба по повод Денот на независноста