Заев и Борисов заедно ќе се поклонат на гробот на Гоце Делчев

Од:

По повод Денот на Републиката – 2 Август, Организациониот одбор за прослава на празникот при Владата на Република Македонија, во координација со Собранието и со Претседателот на државата, организира голем број свечености, чествувања и обраќања, соопшти денеска владината прес-служба.

Настаните по повод 114 годишнината од Илинденското востание и по повод 73 годишнината од првото заседание на АСНОМ, ќе почнат на 2 авуст, во 8 часот, во црквата Свети Спас во Скопје каде што пред присутните гости ќе се обрати претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

Програмата потоа продолжува со заедничко чествување и со полагање венци цвеќе на гробот на Гоце Делчев, во дворот на црквата Свети Спас, од страна на премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.

Свеченостите по повод Денот на Републиката продолжуваат со активностите на претседателот Ѓорге Иванов. Претседателот Иванов во 10:00 и во 10:10 часот ќе положи цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев.

Во 10 часот и 25 минути, претседателот Иванов ќе се поклони пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов Ченто и ќе има обраќање.

Во Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во 11 часот, на свеченоста по повод првото заседание на АСНОМ ќе говори Заменикот претседател на Владата на Република Македонија задолжен за еконмски прашања Кочо Анѓушев.

Централното одбележување на Денот на Републиката – 2 Август и државните почести по повод годишнината од Илинденското востание, ќе се одржат на Мечкин Камен во Крушево.

Делегација на Собранието на Република Македонија во 9 часот и 30 минути ќе положи цвеќе на гробот на Претседателот на Крушевската Република Никола Карев, а во 10 часот венци ќе бидат положени и пред Споменикот на хеорите во месноста Слива.

Пред почетокот на големиот Народен собир на Мечкин Камен кој ќе почне во 12 часот, во храмот Свети Никола ќе биде одржана панихида.

Отворањето на програмата на Народниот собир на Мечкин Камен ќе започне со пристигнувањето и поздравот на коњаницата, по што ќе следува церемонијата на положување свежо цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република и со интонирање на химната на Република Македонија.

На Народниот собир пред присутните гости ќе се обрати претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.

Програмата на Народниот собир потоа ќе продолжи со пригодна културно-уметничка програма.

Лајтмотивот на сите чествувања по повод празникот Денот на Републиката е „Наша Македонија – без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо – прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот“, кој е инспириран од Крушевскиот манифест, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Би можело да ве интересира

Денот на Републиката 2 Август неработен за сите граѓани

Горан Наумовски

2.Aвгуст е неработен ден за сите граѓани на Македонија

САД го честитаа празникот Илинден

Ана Ололовска

Реафирмирани вредностите на двата Илиндена, одбележувањето без масовни собири

Ана Ололовска

„Победа за сите“ – заеднички лајтмотив на чествувањата во Крушево, Пелинце и Скопје

Ана Ололовска

Денот на Републиката неработен за сите граѓани

Ана Ололовска