УСАИД Македонија и НВО „Полио плус“ денеска во Штип организираа трибина за подигање на јавната свест и отстранување на бариерите за вклучување во сите општествени текови за лицата со хендикеп.
Наташа Пулевска од УСАИД рече дека оваа е кампања е со цел да се забележат проблемите за лицата со хендикеп, но и да се покрене јавната свест кај граѓаните за нивно решавање и да се вклучат лицата со посебни потреби во образованието и на пазарот за труд.
– Сакаме да отвориме јавни дебати затоа што кај нас не многу се разговара за ова јавно прашање, постојат иницијативи за инклузија во образованието, така и за зголемување на можностите за вработување. Меѓутоа има уште многу за работа, а делот е и за промена на свеста и одредени стереотипи, рече Пулевска.
Програмскиот раководител во НВО „Полио плус“, Елена Кочовска рече дека ова е четврта јавна дебата во земјава, а граѓаните најмногу како проблеми за лицата со хендикеп ги наметнуваат категоризацијата на хендикепот кај едно лице, вклучувањето на децата во образованието и потребата од воведување на нови сервиси за подршка на лицата со хендикеп.
Според светскиот извештај за хендикеп на Светска банка над една милијарда луѓе или 15 % од светското население живее со некој вид хендикеп во еден период од својот живот.