Неприсуството на власта на свеченоста при поставувањето на камен темелникот на најголемата и највисока џамија на Балканот што деновиве започна во Скопје, ја доведува во заблуда целокупната македонска јавност, која е навикната дури и за најмали објекти од типот на училишни игралишта, маалски клупи по парковите и улички да го гледа лично премиерот на Владата на Република Македонија како ги отвора, реагира денеска ВМРО-НП.
„Не можеме да го разбереме премолчувањето на провладините медиуми за најголемиот верски објект што ќе биде изграден во Македонија, да не се каже ниту еден збор или коментар во пишаните и електронските медиуми со што се добива впечаток за прикривање на настанот“, се додава во соопштението во кое ВМРО-НП и честита на власта за експедитивноста во издавањето на целата потребна документација за изградбата на најголемата и највисока џамија на Балканот.
„Со оглед на сегашните демографски показатели и движења за бројноста на муслиманите во Република Македонија, ова е сосема нормално и за поздравување. Значењето е уште поголемо што тоа ќе биде исламски центар со образовни и научни содржини, со амфитеатар, библиотека и читалници за едукација на студентите кои ја изучуваат исламската теологија“, се додава во соопштението на ВМРО-НП.