ВМРО-Народна партија крајно сериозно ги разгледа и анализира предлозите што ги изнесе еврокомесарот за проширување и добрососедство, Јоханес Хан, за излегување од длабоката политичка криза во Македонија, со лидерите на четирите најголеми политички партии и смета овие предлози се апсолутно прифатливи и се совпаѓаат со јасно искажани ставови на ВМРО-НП во врска со овој тежок проблем, соопштуват од партијата.
Од анализата на предлозите произлегува дека еврокомесарот Хан нема намера да ги задоволи поединечните барања на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, туку овие се решенија за излез од кризата и спас на Македонија, сметаат од ВМРО-НП.
ВМРО-НП ја поздравува ваквата иницијатива на Хан, бидејќи во неа се демонстрираат искрени намери да се помогне на Македонија.
ВМРО-НП ги повикува лидерите на најголемите политички партии да го употребат личниот легитимитет шти произлегува од нивната позиција и сами да донесат одлуки што се во интерес на Македонија.
„При тоа, ги охрабруваме да не подлегнуваат на целосно паушални и штетни совети кои што произлегуваат од кариеристички побуди и реваншизми на дел од нивните партиски и надворешни соработници. ВМРО-НП во оваа прилика повторно бара измена во Изборниот законик, со што Македонија да биде една изборна единица без никаков квалификациски праг, за што има и согласност и од други политички партии. Ова е најбрз и најлегитимен пат за излез од кризата и за понатамошно целосно демократизирање на општеството, со парламент составен од многу повеќе политички партии кои сами обезбедиле место во законодавниот дом и при тоа не го загубиле или споделиле својот партиски и програмски суверенитет, што гарантира независна и квалитетна политичка мисла“, порачуваат од партијата.