Министерството за дигитална трансформација соопшти дека веб-страниците на Владата и министерствата навремено беа заштитени со превентивни и технички мерки по објавувањето информации за критични безбедносни ранливости во програмскиот јазик PHP, поради кои привремено беа исклучени бројни владини веб-страници во Европа и во светот.
Како дел од превентивните активности, привремено беше блокиран надворешниот веб-сообраќај кон засегнатите системи, со цел да се спречи евентуално искористување на ранливостите. Потоа беа проверени софтверските верзии, применети соодветни безбедносни закрпи и ажурирања, како и функционалноста и безбедноста на веб-сервисите.
Мерките имаат цел да го намалат ризикот од неовластен пристап, извршување злонамерен код и потенцијално компромитирање на веб-серверите.
Според досегашните проверки, не се утврдени индикации дека ранливостите биле успешно искористени или дека биле компромитирани веб-страниците на Владата и министерствата, информираат од Министерството.
Преку Секторот за сајбер-безбедност и владиниот тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти (МКД-ГОВ-ЦСИРТ), Министерството продолжува со засилено и континуирано следење на сајбер-заканите, анализа на безбедносните настани и лог-записите, како и проверка на потенцијалните индикатори за компромитирање.
Од Министерството посочуваат дека заштитата на владината дигитална инфраструктура останува приоритет, а преку навремено откривање и отстранување на ранливостите и примена на безбедносни ажурирања продолжуваат да ја зајакнуваат безбедноста на системите и да обезбедуваат сигурно и стабилно функционирање на електронските услуги за граѓаните и компаниите.
