„Граѓаните и граѓанките на Прилеп навистина заслужуваат подобро здравство. Здравство кое ќе ги лекува, а не да ги заразува! Прилепчани заслужуваат подобра болница, опремена со техника, доктори, специјалисти по сите светски стандарди. Сите сме свесни за лошата и загрижувачка состојба во која се наоѓа прилепската болница. Граѓаните на Прилеп бараат подобра здравствена заштита!
Иселувањето на младите поради малите шанси да најдат работен ангажман, е хроничен проблем на градот. Младите во Прилеп заслужуваат подобро! Заслужуваат шанса да останат и да работат дома!
Иницијативата „Заслужуваме подобро“ ја темелиме на 6 основни столбови, или сегменти од граѓанското живеење, а тоа се:
ЗАСЛУЖУВАМЕ ПОВЕЌЕ ОД ПАРЧЕ ЛЕБ!
Во последните пет години трошоците за живот се зголемиле за 2.984 денари, а просечната плата се зголемила само за 407 денари!
Бараме влада која ќе обезбеди подобра живејачка! Имаме право да бараме државата да обезбеди „социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот“, онака како што пишува во преамбулата на Уставот. Не заслужуваме власт која ги задолжува нашите деца и внуци. Не заслужуваме власт која неодговорно троши на чоколада, кога немаме ни за леб. Затоа, бараме власт која нема да троши на луксуз, туку ќе се бори против немаштијата.
ЗАСЛУЖУВАМЕ ЧЕСНА ВЛАСТ!
Не прифаќаме ништо друго освен политичарите да ги трошат нашите пари за наши потреби. Граѓаните можат и смеат да се занимаваат со тоа како власта владее. Демократијата не е само право на глас на избори, еден ден во четири години. Ние имаме право постојано да ја преиспитуваме и менуваме власта.
ЗАСЛУЖУВАМЕ ДА ГЛАСАМЕ БЕЗ ДА СЕ ПЛАШИМЕ!
Не заслужуваме да бидеме поткупувани со вреќа брашно, со пари, ниту да бидеме влечени за уши! Имаме право да бараме да бидат казнети сите што биле вклучени во правење или прикривање криминал за време на избори. Не заслужуваме полиција која ги повредува, наместо да ги штити нашите избирачки права. Не заслужуваме „најголемите багабонти у МВР“ да сеат страв за време на избори. Заслужуваме држава која нема да биде киднапирана од партиите.
ЗАСЛУЖУВАМЕ БОЛНИЦИ ШТО ЛЕКУВААТ, А НЕ ШТО ЗАРАЗУВААТ!
Заслужуваме да живееме подолго, заслужуваме помала смртност на доенчињата и помала смртност на мајките родилки и заслужуваме да се лекуваме надвор од државата кога нема лек дома. Заслужуваме еднаков пристап до здравствените услуги без разлика на нашата национална припадност, сексуална определеност или финансиски можности.
МЛАДИТЕ НА ПРВО МЕСТО!
Бараме достоен индивидуален и семеен живот во својата земја. Имаме право и бараме нови студентски објекти, креативни и културни центри, библиотеки, кино сали и простори за алтернатива. Партиската книшка не смее да биде критериум за вработување. На секој од нас, под еднакви услови треба да ни биде достапно секое работно место.Тоа ни го гарантира нашиот Устав. Ние не сме граѓани од втор или трет ред. Потребен е силен напор на институциите и на општеството, а тоа е можно и мора да се обезбеди – веднаш.
ЗАСЛУЖУВАМЕ ПРИСТОЈНИ УЧИЛИШТА ЗА НАШИТЕ ДЕЦА!
Бараме достоинствен живот за учениците и студентите. Заслужуваме и бараме бесплатен превоз, субвенционирана храна и добри услови за домување и учење. Бараме парите на граѓаните да не се расфрлаат на споменици, огради и поткупи, туку да се вложат во квалитетно образование кое ќе влијае младите да останат во Македонија. Бараме проверени и издржани реформи во кои, како партнери, ќе бидат вклучени наставниците, професорите, студентите и учениците. Бараме масовноста на високото образование да не го нарушува неговиот квалитет.
ЗАСЛУЖУВАМЕ ГРИЖА, А НЕ СОЖАЛУВАЊЕ!
Ние пензионерите имаме право да живееме самостојно и независно. По свое. Или заедно. Ама по наш избор. Заслужуваме да живееме во места каде што можеме слободно да се движиме наоколу (со или без помагала), каде што можеме лесно да се качиме и симнеме од автобус, каде што можеме лесно да пристапиме во болница или институција, каде што шалтерските работници ќе ни посветат должно внимание и нема да бидеме изложени на омаловажување и подбив.
НЕ НИ ЈА ЧЕПКАЈТЕ ПРИРОДАТА!
Имаме право да бараме од оние кои се на власт да ја штитат природата во наше име и во наш интерес. Заслужуваме реки и земјишта кои не се затруени и затрупани со ѓубре. Заслужуваме храна која не е затруена со отрови. Го заслужуваме она што веќе одамна го имаат граѓаните на многу други држави“, се вели во соопштението на иницијативата „Заслужуваме подобро“.