„Демократски слободна, економски стабилна, целосно меѓународно признаена и почитувана, светла и современа Македонија – со тој копнеж, ние, денешните генерации го дочекуваме годинешниот 2 август, голем ден, Илинден“, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев во својата честитка за Илинден.
Тој потсетува дека Илинден ни е оставнина од оние што се бореле за оваа земја.
„Овој свет датум за државата и за граѓаните е вечен потсетник на темелите на македонската државност, но и на нешто уште поважно, на обврската кон оние кои се бореле за земјава и што ја оставиле на поколенијата по нив, да ја чуваме и развиваме таа слободна Македонија и нејзиниот народ, за што ги положиле своите животи“, порачува Заев.
„Ова се нови времиња, но ја пренесуваат древната идеја за широк, отворен дух – едни кон други дома, во нашата татковина, едни кон други во соседството и светот, а пред се во себе, како што е единствено можно да се опстои и живее мирно и стабилно.
Меѓусебната толеранција и разбирање е предизвик на секој момент и секое време. Но денешниот ден нека не биде само бележник, дека само со единство може да се успее, туку и мотив – да ги оставиме разликите, од каква природа и да се, секој да извлече максимум од себе, да покажеме меѓусебна почит и да се свртиме кон заедничка иднина, достоинствен дом во кој има место за сите“, вели претседателот на СДСМ.
Тој, честитајќи го Илинден во името на СДСМ, порачува дека сега е време кога треба да се вратиме на слободата на духот.
„Денес, повеќе од кога и да е имаме потреба да ја вратиме слободата на духот, креативна движечка сила која единствено носи напред“, вели Заев во честитката.