Српскиот музичар Ѓорѓе Давид, кој минатииот викенд со автомобил усмрти жена на автопатот кај Табановце не ја напуштил Македонија. Тој се обрати на социјалните мрежи и вели дека документите му се наоѓаат во Јавното обвинителство во Куманово.
– Имајте барем малку емпатија и разбирање за ситуацијата во која се наоѓам. Јас не сум ги добил своите документи, не сум ја напуштил Македонија. Моите документи се во Јавното обвинителство Куманово. Мене тоа ми прави проблем и предизвикува омраза кај овие луѓе кои мислат дека јас ви барам да го пишувате тоа. Ми ја отежнувате ситуацијата, ми правите пекол од животот. Кога ќе ги имам документите и кога ќе ја преминам границата, јас прв ќе се јавам – вели музичарот.
Викендов дел од медиумите објавија дека Ѓорѓе Давид се вратил во Белград, Србија, а српските медиуми најавија дека ќе одржи прес-конференција на која ќе информира што се случило и како дошло до сообраќајната несреќа.
Од Јавното обвинителство велат дека кумановскиот суд во текот на викендот донел одлука да ги замени мерките на претпазливост.
– Одредено е единствено лицето еднаш месечно да се јавува во Судот. Од ОЈО Куманово не беше побарано мислење за замената на мерките – велат од Јавното обвинителство.
Оттаму додаваат дека новите мерки за претпазливост се уште не се правосилни, а одлуката за враќање на пасошот на Давид треба да ја донесе Основниот суд Куманово.
Претходноите мерки на претпазливост беа привремено одземање на патните исправи како и обврска редовно да се јавува во Судот.