ВИДЕО: Растат дивоградбите во Охрид за кои Заев тврди дека се стопирани

Од:

Додека УНЕСКО расправа дали Охрид ќе биде ставен на листата на заштитени подрачја во опасност, во градот растат дивоградбите.

Во заштитеното градско јадро на Охрид, кај Чинарот, мајстори непрекинато работат на дивоизградениот објект, сопственост на советникот во Општината, Нефи Усеини. Градежните работи си течат и на стариот пат Охрид – Струга каде, исто така советникот Усеини, без одобрение за градење, гради бетонска база.

Граѓаните и здруженијата за заштита на Охрид ги гледаат работниците кои изведуваат градежни работи, но не и премиерот Зоран Заев. Тој вели дека градбите се стопирани.

„Стопирани се двете градби, со решение на соодветен инспектор. Во постапувањето на самото решение, ќе следува процес на извршување. Законот мора да важи еднакво за сите. Ние ќе постапиме. Ако не постапи општината, ќе постапи државата. Тоа не е само заради УНЕСКО, туку заради законите во државата кои треба да се почитуваат. Ако некој не го почитува решението, тогаш следува кривична одговорност за непочитување на решението“, рече денес премиерот Заев.

Дивоградбата кај Чинарот
Дивоградбата кај Чинарот

Иако дивоградбите за кои пишува „А1он“ се градат веќе четири месеци и за нив има решенија за уривање, на двете локации нема ниту уривање ниту одговорност за бесправното градење.

„Досега нема кривична одговорност, затоа што институциите на системот треба да постапат. Да формираат тим, да изберат фирма-извршител на тендер, која постапува со булдужери“, додаде Заев.

Бетонската база која се гради на стариот пат Охрид-Струга
Бетонската база која се гради на стариот пат Охрид-Струга

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, со 25 илјади евра, планира да урне 1.076 дивоградби на територија на општината, односно по околу 20 евра за секоја дивоградба поединечно. Охриѓани коментираат дека тендерот е наменски објавен со ниска сума, за да нема интерес кај фирмите. Премиерот Заев смирува и вели дека има решение и во случај предвидените пари да не бидат доволни.

„Не се доволни, ама ќе се надополнат парите. Толку имаат предвидено во програмата.  Еден дел од дивоградбите и сами се отстрануваат, зависи дали е шупа, дали е куќа или слично. Така што се постапува“, заклучува Заев.