Почна реконструкцијата на фасадите на зградите околу плоштадот. На станбените објекти деновиве беа поставени монтажни скелиња за да се продолжи со претворањето во барок на центарот на Скопје.
Град Скопје планира да го измени надворшениот изглед на станбените објекти од улица „Никола Вапцаров“, улица „Димитрија Чуповски“, оние кои се наоѓаат на „Рекорд“ и на улицата „Македонија“.
Интервенцијата ќе го преобрази изгледот на зградите во барокен или неокласичен стил, а при тоа ќе се реконструира само предната страна, додека задната страна од зградите ќе си остане стара, иако кај повеќето од овие згради, токму внатрешната страна е во исклучително руинирана состојба, а станарите се жалат на проблеми со канализацијата.
Една реконструкција ќе чини околу 300 илјади евра, во зависност од зградата. Во април годинава Градот склучи повеќе договори со неколку градежни фирми, меѓу кои и струмичката „Жикол Дооел“.
Така, реконструкцијата на две згради на „Никола Вапцаров“, број 11 и број 10, ќе чини вкупно 700 илјади евра. Овие средства нема да бидат издвоени од градската каса туку од државниот буџет.
Градоначалникот Коце Трајановски, пред извесно време изјави дека Градот не ја финансира барокната реконструкција, туку тоа се прави со средства од Владата.
Договорите со градежни фирми, склучени само во април, се со вкупен износ од 2 милиони евра, а опфаќаат шест фасади.
А.Б.