(ВИДЕО) ОДРАЗ: Оддели се партиски, активирај се граѓански

Од:

„Да ја започнеме борбата за враќање на окупираниот граѓански простор“, беше пораката која ја упати Влатко Ристески од здружението „Одраз“ кое се бори против тоталитаризмот во Македонија од страна на политичките партии.

Нивна единствена цел е зголемување на граѓанската свест за учество во креирањето на општествените одлуки, а константно се залагаат секој граѓанин да ги дознае своите права и обврски кои му се загаранитрани со Уставот.

„Македонија според Устав е социјална држава, меѓутоа тоа никој не го знае. Во Македонија младите имаат право да го искажат својот глас, меѓутоа и тоа никој не го знае“, изјави Кирил Ристески од Младинскиот совет при Одраз.

Младинскиот активизам е клучен елемент за демократизацијата на едно општество. Тој во Македонија не е развиен, а младите се премногу партизирани, прифаќајќи го сето она што им го сервира политичката партија, несвесни дека се гледани само како гласачко тело, посочи Ристески. Под мотото „Оддели се партиски, активирај се граѓански“ Младинскиот совет на Одраз започна со формирање на граѓански јадра од млади активисти во секој град, а забележуваат пораст на младинскиот граѓански активизам најмногу преку активноста на младите на социјалните мрежи.

Преку проектот „Контра спин“ имаат основна цел да го вратат владеењето на правото, демократијата и слободата на изразување во државата, а нивното мото е „Ти си Ние, Ние сме ТИ, оддели се партиски, активирај се граѓански“.

На дебатата околу тоа колку граѓаните во Македонија се активни учесници во граѓанскиот активизам, Ѓунер Исмаил потенцираше дека проблемот е во обединувањето, а граѓанскиот сектор заедно со граѓанското обединување политиката никогаш не ги гледала со благонаклонети очи. Тој објасни дека политиката граѓаните пред се ги гледа како потенцијална гласачка машинерија, а секој вид на поинакво организирање од политичкото е сомнително.

„До пред седум години граѓанското организирање функционираше“, рече Исмаил, додавајќи дека од 2006 година до сега критиката на граѓанското организирање добила јавност и официјалност, па сега овој тип на собири се окарактеризирани како собири на непријателите на државата.

Од Одраз посочуваат дека граѓаните премногу им дозволиле на политичките партии да ја злоупотребуваат слободата и да навлегуваат во нивниот приватен живот.

Влатко Ристески објасни дека во моментов функционираат преку близок контакт со граѓаните на улица со делење на флаери.

Досега во Прилеп, Кавадарци и Скопје биле поделени 10 000 флаери во разговор со граѓаните, а содржините на истите константно се менуваат, бидејќи како што порача Ристески сакаат да им дадат можност на граѓаните да прочитаат нешто без цензура.

„Ние не се плашиме од цензура, ние сме тие кои ја поддржуваат вистината и никогаш нема да потклекнеме на цензурата и притисоците на оваа власт“, порача Ристески.

Просториите каде што работи Одраз во Прилеп, ги нарекуваат „Мала слободна територија“, а во нив секој оштетен граѓанин може слободно да си го каже својот проблем.

Темјана Поповска

Би можело да ве интересира

ОДРАЗ во Куманово

Емир Латифовиќ

ОДРАЗ на мирен протест ќе бара слобода за Кежаровски

Емир Латифовиќ

ВИДЕО: Оддели се партиски, активирај се граѓански

Емир Латифовиќ

ВИДЕО: Повик за бојкот на екстерното тестирање

Емир Латифовиќ

(ВИДЕО) Одраз: Власта ги пушти своите герила мајстори да веат СДСМ-овски знамиња!

Емир Латифовиќ

(ВИДЕО) ОДРАЗ: Повик за граѓанско единство

Емир Латифовиќ