Денеска, во Скопје и во повеќе градови во земјата започна граѓанската акција „Заслужуваме подобро!“ со која самите граѓани ќе зборуваат за секојдневните проблеми и за итната потреба од подобар живот.
Се работи за иницијатива на неформалната коалиција „Граѓаните за Македонија, која се темели на теренски разговори и директна комуникација со граѓаните. Во иницијаивата се вклучени повеќе од 200 граѓански активисти од 70-тина граѓански организации.
– Идејата на оваа акција што ја започнуваме е да разговараме со што повеќе луѓе, граѓани и да се обидеме да им објасниме дека секој од нас заслужува подобро. Последните 2 -3 години гледаме дека луѓето се во апатија и дека кај многу луѓе преовладува ставот дека може и полошо, дека работите сигурно ќе одат на полошо – што е страшно за развојот на една држава, на едно општество, на граѓанската свест. Тоа е страшен став кој што нашите граѓани, особено оние што не се во партиските шеми, туку се обични граѓани кои очекуваат нешто од државата, а секојдневно се судираат со илјадници ѕидови. На тие луѓе , низ разговори, сакаме да им објасниме која е функцијата на државата и зошто сите ние заслужуваме подобро, без разлика дали се работи за здравство, стандард, социјална политика, вели Никола Писарев, активист.
Акцијата ќе трае најмалку еден месец, во 20-тина градови, каде ќе има штандови, но фокусот ќе биде на разговорите со граѓаните за да тие се охрабрат да бараат подобро
– Секој граѓанин на оваа држава што има буџет 3,5 милијарди евра, заслужува подобро, затоа што пари има, само треба подобро да се распоредат. Од друга страна влегуваме во вакуум во кој граѓаните се исклучени, а партиите се фалите за договорот од Пржино и ги гледаат нивните интереси, граѓанските интереси се тотално запоставени. Обичните граѓани сеганешто чекаме и ќе го голтнеме тоа што ќе ни го сервираат партиите. Треба сите да се охрабриме да си бараме, особено што сега ќе почнат партиските мешетари да ни доаѓаат по дома и да ни зборуваат за нивните програми, а ние треба да им зборуваме за нашите програми, а тоа е – кога ќе отидеме на доктор, да не излечат, а не да не маткаат по шалтери, кога ќе пуштиме чешма, да ни тече здрава вода, ако останеме без работа, треба да имаем социјална заштита- тоа се тие работи што треба да ги сфатат елитите – дека граѓаните во оваа држава треба да имаат удобен и пристоен живот, рече Писарев.
Штандот поставен на улица „Македонија“ привлече граѓани, кои се ѓалат на неправдите што им ги нанесува државата.
– Да ви кажам право, јасу сум под завод, невработен. За гласање дома доаѓаат, а после не те фермаат, дали имаш да јадеш, како ќе платиш сметки, како живееш – никој не се интересира за човекот. Тие за се се интересираат, за сиромашните не се интересираат, вели граѓанин
– Трчаат пред избори, ајде пиши, пиши! А после не те ни познаваат, вели граѓанка.
– Пензионерот добива 5 отсто, студентот добивал згради, не тоа доволно, задоцнето е, жалосно е студентот да бара 100 денари од таткото, од пензијата, затоа мислам дека треба да дојде до промена на оваа власт, да дојде нова власт, вели граѓанин.
Активистите од „Граѓаните за Македонија“ сметаат дека со акцијата ќе се врати вербата во капацитетите на општеството, во разумот на граѓаните и тргнувајќи од права и потребите на граѓаните, бараат итна промена на начинот на управување со државата во правец на обезбедување подобра живејачка и подобри услови во нашите градови и села.
– Граѓните треба да си ги бараат своите права а тоа значи да имаме чесна влада која што нема да не манипулира дека ни се зголемени платите кога давачките за живот се пати пати повеќе зголемени. Еве и податоците покажуваат дека во последните години трошоците за живот се зголемени за 984 денари, а платата е зголемена само за 407 денари, рече Ирена Стериовска, активистка.
„Со нашите активности ќе ја пополнуваме празнината што се создаде меѓу акивностите на политичарите, договорот од Пржино и реалните барања и секојдневието на граѓаните. Ние, граѓаните, имаме право гласно и јавно да зборуваме за политиката, зашто нашиот живот и нашето секојдневие се политика. Нашиот глас е важен секој ден, а не само на денот на избори.
Власта треба да одговара на нашите потреби и прашања без разлика дали ја поддржуваме или не. Политиката ни припаѓа нам, на граѓаните и имаме право да ја критикуваме власта и од неа да бараме да биде подобра или да си замине“ ,стои во прогласот за акцијата „Ние, граѓаните заслужуваме подобро.
А.Б.