„Кристијан Мицкоски оди по странски телевизии и го руши македонскиот јазик, со срамни тврдења дека нашиот македонски јазик бил кодификуван во 1977 година. Македонскиот народен јазик постоел, постои и ќе постои се додека има Македонци кои го говорат својот мајчин јазик. Но, срамота е за Мицкоски, срамота е за еден македонски политичар да не знае кога е кодификуван неговиот јазик“ соопшти денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа рече дека „Мицкоски на српска телевизија, пред српската јавност, тврдеше дека македонскиот јазик бил кодификуван дури во 1977 година. Дали е ова незнаење или намерен обид да се загрози македонскиот јазик, тоа треба да каже самиот Мицкоски. Но, секој ученик по македонски јазик и секој македонски граѓанин знае дека Кодификацијата на Македонскиот јазик е поврзана со следниве историски настани:
Прво, со Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава;
Второ, со Решението на Президиумот на АСНОМ од мај 5 мај 1945 година за македонската азбука; И трето, со официјалното усвојување на македонскиот правопис – 7 јуни 1945 година“ вели Кузеска.
„При вакви историски факти, да се тврди дека македонскиот јазик е кодификуван дури во 1977 година е нанесување директна штета на македонските национални интереси“ смета Кузеска.