Со манипулации пред евроамбасадорот Дејвид Гир, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ се обиде да се оправда за неговото одбивање да ги даде сметките што ги платил со државни пари. Евроамбасадорот Гир кажа дека не сака да навлегува во конкретниот случај, но пред Маричиќ нагласи дека менаџирањето на јавните финансии е еден од основните принципи на пристапниот процес. Како што и се очекуваше, Маричиќ се обиде да го избегне одговорот на прашањето колку пари потрошил од Секретаријатот за европски прашања и кога ќе ги даде сметките што ги ветува повеќе од три месеци.
– Прашање до Вас господине Маричиќ, дали конечно ќе ни откриете што имате јадено и пиено откако дојдовте во СЕП па до сега и кога ќе ги дадете сметките, бидејќи ветивте три пати во три наврати?
Маричиќ: Господине Ландов, на вашето прво барање целосно беше одговорено инаку немаше да имате материјал за серијал за пишување на таа тема. Во однос на трошоците во СЕП прво го упативте барањето на погрешна адреса, по што ви беше укажано. По укажувањата на институциите за споделување на потребните информации добивте покана да дојдете во СЕП и да извршите увид во сметките и во сè што ве интересира. Вие тоа го одбивте и сега во наредна фаза ќе ви ги доставиме сите информации коишто ви се потребни. Но треба јавноста да знае дека имавте можност да добиете увид во сите документи и дека вие тоа го одбивте. Така што еве во следна фаза институционално ќе ги решиме сите недоразбирања и мислам дека немаме што да криеме и дека нашата институција и секоја институција што сум ја водел редовно доставувала информации и до владиниот систем за владини финансии и до сите медиуми и сè она што ги интересира медиумите.
– Треба да кажете дека беа барани фотокопии, Вие баравте да дојдеме да правиме увид. Не Ви беше побаран увид. Не треба да ја лажете јавноста, мислам…Треба да бидете фер целосно до крај, еве Невена е тука, може да потврди…
Маричиќ: Не, не, не ја лажам јавноста… Еве јас одговорив на прашањето, ако не сте задоволен може и писмено да ме прашате и ќе ви одговорам но…
– А и на тоа не одговарате..
Маричиќ: Ви беше понуден увид во сметките, вие го одбивте и тоа треба јавноста да го знае.
Вицепремиерот Маричиќ излажа дека тој ги дал сметките што ги направил додека бил министер за правда. Тие беа доставени од Министерството за правда и министерот Никола Тупанчески. Маричиќ манипулира долго време и има јавни изјави дека ќе ги достави сметките, а денеска проба да се извлече со нивната понуда да се направи увид кај нив, што не беше барање од „А1он“.
Дополнително, Славица Грковска, вицепремиерка за одговорно владеење и спроведување на Етичкиот кодекс, му наложи на Маричиќ да ги достави сметките, десетина дена откако тој дозволи само увид во нив.
„Кабинетот на вицепремиерката Грковска, во писмен допис му укажа на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ дека е должен да постапи согласно Решението со архивски број. 08-214 донесено од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, со кое се уважува Вашето барање за пристап до информации од јавен карактер, по кое не е постапено. Вицепремиерката Грковска укажа дека со оглед на Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата, Секретаријатот за европски прашања е должен веднаш да постапи како што е наведено во диспозитивот на Решението“, велат од кабинетот на Грковска на 7 октомври за „А1он“.
Укажувањето од Грковска значи дека Маричиќ по истекот на сите законски рокови не ги дал побараните документи, кои се јавни и е обврзан да ги даде, а тој дозволи само увид.
Евроамбасадорот Дејвид Гир беше прашан: „Дали во ЕУ толерирате вицепремиери и министри кои не се транспарентни, односно кои ги кријат трошењата кои ги прават од државните пари и не ги даваат извештаите? Како постапувате во таков случај и дали Вие лично ги криете трошењата кои ги правите а треба да ги покрие ЕУ?“.
– Очигледно нема да бидам навлечен во коментирање во такви посебни случаи. Финансирањето на јавните финансии всушност е од основните принципи коишто се дел од пристапниот процес, како што напредува самиот процес се разбира дека секогаш ќе има фокус врз доброто менаџирање на јавните финансии. Всушност тоа важи за ЕУ, европските институции и за земјите членки на ЕУ. Секогаш е важно да се на ниво на највисоките стандарди. Нема да дадам коментар за никаков специфичен случај, само за важноста на менаџирање на јавните финансии.
За трошоците кои ги направил во СЕП, Маричиќ во август кажа дека ќе ги даде сите. На 18 август Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер донесе решение по жалба од „А1он“ во кое бара вицепремиерот да ги даде за седум дена.
Тој не го направи тоа. По ова, дојде и реакцијата на Грковска, која е децидна дека нејзиниот колега мора според законот да ги даде сите сметки кои ги плаќа со пари од граѓаните.