(ВИДЕО) Жители на Капиштец: Кога доаѓаше папата, донесоа хаварисани возила кои со месеци скапуваат на нашиот паркинг

Од:

Стари возила со месеци стојат паркирани и се распаѓаат на паркингот зад зградата на Министерството за економија. Возилата не се во возна состојба, гумите им се издишани, едното од нив беше со скршена шофершајбна, кабли ѕиркаа од хаубата, а од рѓосаната каросерија веќе паѓаат парчиња кои беа расфрлани по паркинот. Револтирани жители од околните згради во Капиштец велат дека алармирале кај надлежните инспекции, но тие не презеле ништо. Како што еден од жителите изјави за „А1он“, тие бараат да се отстранат возилата од нивниот паркинг, кои првично биле пред зградата на министерството, но за време на посетата на папата ги донеле тука.

„Овие хаварисани возила повеќе од 6 месеци стојат тука. Ни го узурпираат паркингот, надлежните не преземаат ништо. Соседите пријавуваа дека ни пречат, бараа да ги отстранат, но како што можете да видите, нема ефект. Се распаѓаат, претставуваат опасност за нас, а особено за децата кои играат тука, пред зградите. Може некое од нив да се повреди од скршено стакло или рѓосано железо. Овој паркинг-простор е на станарите и без наша дозвола се донесени овде. Не сме сигурни, но се сомневаме дека старите возила се на Министерството за економија“, вели Радован Миловановиќ, жител на Капиштец.

 

При влезот на паркингот има табла на која пишува „Приватен паркинг“, заштитен е со столпчиња и тука може да влезат исклучиво станарите од трите кули, кои имаат далечински управувачи за отклучување, ни објасни Митра Манчева, претседател на куќниот совет на една од зградите. Таа вели дека клуч од паркингот имаат и луѓе кои го добиле преку врски, па според неа хаварисаните возила така се нашле на нивниот паркинг.

„Паркингот ни го направи Општина Карпош, си плативме за тоа и, како што ни кажаа, направивме список со станари кои поседуваат возила и го однесовме кај нив, па ни поделија клучеви за влез и излез од паркингот. Но, овде има луѓе од Центар, од други населби, секојдневно паркираат, а ние не ги знаеме. Кај нас работите се решаваат со врски, така и тие дошле до далечински управувачи и си го користат нашиот простор“, вели таа.

На едно од возилата имаше налепница од Комунален инспекторат на општина Карпош со која се предупредува дека е забрането да се паркираат запрежни коли и хаварисани возила и дека ако не го отстранат следи парична глоба.

Од општината потврдија дека инспекциски служби изрекле казни, но за проблемот нè упатија во Градски паркинг затоа што тие немале пајак-служба и депо за хаварисани возила.

„Комуналните инспектори се на терен и тие постапуваат согласно законските надлежности. Проблемот со хаварисаните возила не е само наш туку на сите скопски општини. Имаме план, ние 10 општини заедно со Градот да најдеме заедничко решение, односно плац на кој ќе се носат старите автомобили. Општината засега нема ваков плац, односно нема каде да ги смести хаварисаните возила, информираат од таму.

Од Градски паркинг, пак, велат дека хаварисаните возила може да ги отстранат возилата со нивните пајак-служби, но само доколку имаат договор со општината, која, пак, сама треба да си обезбеди локација плац каде ќе депонираат. Ј.П Паркинг има депо кај Транспортен центар и има околу 50-тина хаварисани возила кои се собрани од паркинзите на територијата на градот, објаснија од таму.

„Депото нема капацитет да прима возила од други општини. Ние имаме склучено договор со општините Гази Баба и Ѓорче Петров, кои неколку пати алармираа кај нас, им излеговме во пресрет, но возилата ги носевме на плац што го намениле за тоа. Овој простор што го користиме и како паркинг и како депо е за возилата од градските паркинзи. Пред неколку дена имавме акција заедно со комунален инспекторат и сообраќајна полиција и отстранивме 12 возила од паркинот кај поранешна „Нова Македонија“, немавме простор каде да ги депонираме“, велат од ЈП Градски паркинг.

Како што информираа од таму, на територијата на градот има над 2000 хаварисани возила кои узурпираат паркинзи и нема простор каде да се депонираат. Велат дека градот треба да најде законско решение со кое ќе се реши проблемот и на тој начин ќе се ослободат 30% од јавните паркинзи.

Би можело да ве интересира

Општина Чаир ги крева расипаните и скапани коли – ако не се јават газдите, самата ќе ги уништува

Жарко Настоски