– Во транзицијата според логиката на нештата, работите во државата треба да водат кон излез и да одат кон подобро и од таа транзиција да влеземе во ера на структури на повисоки стандарди, во кои влегуваат новинарската професија и медиумите. Наместо тоа, после 25 години транзиција, имаме поделено општество и поделени новинари, партзирани општествени структури, ниска политичка култура и политички затвореници и прогонета слобода за изразување – изјави новинарот Зоран Бојаровски при неговото излагање на темата „Може ли фактите да добијат смисла во Македонија“ на „Engage“ конференцијата.
Според Бојаровски, говорот на омраза претставува супститут, односно замена на слободата за изразување. За него, новинарите суштински претставуваат активисти доколку нивната улога е да бидат „глас“ на безгласните и ги застапуваат интересите на сите граѓани, без разлика на нивната расна, верска и политичка припадност.
– Новинарите што ги исполнуваат овие услови и по дефиниција се активисти и членови на братството на активистите на патот кон слободата која никогаш не престанува. Во меѓувреме, кога од 36. место паднавме на 123. место на последната листа на „Репортери без граници“ и кога медиумскиот простор се загадува до невидени размери, прашањата дали новинарстовот претставува граѓански активизам испливаа на површина – вели Бојаровски.