Вељановски: Ниту една политичка бомба нема толку чад за да се замаглат вистинските дела

Од:

Македонија покажала дека има капацитет да се носи со тежината на проблемите што произлегуваат од нејзината самостојност, истакна денеска претседателот на македонското Собрание Трајко Вељановски во обраќањето на свеченоста во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце.

Вељаноски повика на соработка и дијалог меѓу политичките партии и истакна оти верува дека до крајот на летото ќе се отвори нова демократска перспектива. Не постои друг начин, како што рече, освен дијалогот за решавање и на пречката за македонските евроатлантски интеграции кои, со натамошниот развој на државата, остануваат приоритет.

Македонија, потенцира, е доволно силна за да може самата да ги решава проблемите. Македонија покажала дека има капацитет да се носи со тежината на проблемите што произлегуваат од нејзината самостојност.

Посочи дека партиите помеѓу себе се конкуренти, а не непријателски формации. Собранието, појасни, е она стожерно место кое подеднакво е отворено кон сите независно на која политичка група и’ припаѓаме.

Тој порача дека Парламентот е институцијата во која се вкрстуваат идеите за да се исфилтрира вистинскиот проект, а не е институцијата од каде се поткопуваат демократските темели на државата.

– Ниту една политичка бомба не може да предизвика доволно голем политички чад за да се замаглат вистинските дела. Ниту една политичка бомба не може да предизвика доволно голем политички чад со кој ќе се прикријат субвенциите на земјоделците, километрите изграден автопат, новите работни места, инвестициите и сé друго што е позитивно. Сепак, важно е, исто така, јасно да се подвлече дека демократијата подразбира цврсти институции и постоење на правда. Дека постојат закони кои се почитуваат од сите. Затоа да најдеме основа за соработка во кризата која се создаде. Да продолжиме да го гледаме заедничкиот интерес. Да продолжиме уште повеќе да водиме сметка за Македонија и за граѓаните. Доколку вака постапуваме, убеден сум дека ќе надминеме сé и ќе совладаме сé, наведе Вељаноски.

Тој укажа дека Македонија е толку цврста внатре, колку што е интегрирана надвор, безбедна внатре, колку што има поцврста соработка надвор, сигурна внатре, колку што се сигурни нејзините релации надвор.

– Нашиот децениски приоритет, нашиот национален интерес, нашата заедничка програмска определба била, е и ќе биде членството во НАТО! НАТО е нашиот идеал кон кој се стремиме и за чие остварување сите овие години напорно работиме, подвлече Вељаноски.

Веруваме, потенцира, во нашата сила, способност и посветеност да го совладаме преостанатиот дел од патот во разумен рок.

– Веруваме во силината на внатрешниот меѓуполитички и меѓуетнички консензус кој е основата на сé и без кој ниту една цел не е достижна ниту извесна. Продолжуваме и во иднина да го јакнеме тој консензус и тоа внатрешно единство. Продолжуваме и во иднина, со истата посветеност да работиме на јакнење на сојузништвото со државите-членки на НАТО, рече Вељаноски.

Република Македонија, нагласи претседателот на Собранието, посветувала и ќе посветува голема енергија во унапредувањето и во развојот на односите со нашиот стратешки сојузник Соединетите Американски држави. – Високо ценејќи ги сите минати заеднички успеси, еднакво силно се залагаме за отворање нови заеднички перспективи. Силните македонско-американски врски се основата на сите наши успеси во иднината! Уште од времињата на двете илинденски епопеи, преку периодот на авторитарниот комунизам, па сé до денес, Македонија многу полесно се справувала со сите предизвици благодарение на поддршката на стожерната држава на Нато-пактот, рече претседателот на Парламентот.

Големата идеја за членство на Македонија во Европската унија, како што потенцира, е национална, државна и сеграѓанска цел. Укажа на придобивките од зачленувањето во Унијата во сите области потенцирајќи дека членството на Македонија во Европската унија ќе значи и симболичен крај на сите македонски историски премрежја на патот до светлата иднина. Европа, нагласи, е нашиот дом!
Продолжуваме, рече Вељановски, посветено да ги негуваме односите со нашиот јужен сосед. Продолжуваме да разговараме и да објаснуваме дека Македонија не и’ е непријател на Грција, ниту македонскиот народ на грчкиот народ.

Би можело да ве интересира

Вељаноски упати честитка по повод Велигден

Емир Латифовиќ

Вељаноски: Нема уставна можност за свикување седница

Емир Латифовиќ

Вељаноски до Иванов: Не сум побарал и нема за што да бидам аболициран

Емир Латифовиќ

Честитка од Вељаноски по повод Денот на албанската азбука

Емир Латифовиќ

Вељаноски: Зошто на Дескоска никој не и кажал дека и СДСМ не сакаше да бидат одземени мандатите

Емир Латифовиќ