УНФПА: Само 71 процент од државите гарантираат пристап до целокупна здравствена заштита за мајките

Од:

Во Извештајот на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА за Состојбата на светското население за 2021 година, објавен денеска, се наведува дека на речиси половина од жените во 57 држави во развој им се негира правото да одлучуваат дали да бараат здравствена заштита, дали да имаат сексуални односи со своите партнери или да користат контрацепција.

Како што соопштија од Канцеларијата на УНФПА во Скопје, првпат еден извештај на Обединетите нации се фокусира на телесната автономија.

– Моќта и можноста самите да правите избори за вашето тело, без притоа да имате страв од насилство или некој друг да одлучува за вас. Недостигот на телесна автономија има големи последици врз жените и девојчињата, што ги надминуваат дури и најсериозните повреди преку: потенцијално намалување на економската продуктивност, намалување на ефективноста на нивните вештини, како и со воведување дополнителни трошоци за здравствената заштита и судските системи, велат од УНФПА.

Преку овој извештај УНФПА, ја мери моќта на жените да донесуваат одлуки за своите тела, како и степенот до кој законите на државите го поддржуваат или се мешаат во правото на жената да ги носи овие одлуки.

Податоците укажуваат на постоење силна врска помеѓу моќта на донесување одлуки и повисоките нивоа на образование.

Извештајот покажува дека во државите каде што се достапни податоци само 55 проценти од жените поседуваат целосна моќ да прават сопствени избори од аспект на здравствената заштита, контрацепцијата, како и да може да одбијат сексуални односи.

– Само 71 процент од државите гарантираат пристап до целокупна здравствена заштита за мајките. Само 75 проценти од државите усвоиле легална рамка со која се обезбедува целосен, еднаков пристап до контрацептивни средства. Само околу 80 проценти од државите усвоиле закони за поддршка на сексуалното здравје и благосостојба. Само околу 56 проценти од државите усвоиле закони и политики кои го поддржуваат сеопфатното сексуално образование, се вели во извештајот на УНФПА.

– Фактот што речиси половина од жените сè уште не можат сами да одлучуваат за тоа дали да имаат или немаат сексуални односи, дали да користат контрацепција или да бараат здравствена заштита, треба да нè налути сите, вели извршната директорка на УНФПА, Наталија Канем.

Би можело да ве интересира

Регионална директорка на УНФПА: Финансиските стимулации за раѓање деца не се доволни

Ана Ололовска

УНФПА: Половина од жените во државите во развој не одлучуваат за своето тело

Ана Ололовска

УНФПА: Потребна е итна акција за спречување детски бракови и други практики што им штетат на жените и девојчињата

Ана Ололовска

УНФПА ќе претстави Извештај за состојбата на населението во светот 2019

Ана Ололовска

Салиоска: Традицијата не е изговор за државата да ги спречи детските бракови

Ана Ололовска