На универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кај комплексот факултети денеска почна изградбата на нова спортска сала, со капацитет од 1.100 гледачи и под трибински простор, кој ќе биде искористен за теретана и фитнес.
Вредноста на проектот е околу 154 милиони денари или приближно 2,5 милиони евра, средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија и е дел од проектот на Владата за изградба на 35 спортски сали преку Агенцијата за млади и спорт.
На поставувањето на камен темелникот присуствуваа премиерот Никола Груевски, ректорот на УКИМ Велимир Стојковски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Александар Пујовски.
Спортска сала, според Груевски, ќе биде приспособена да се користи за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, пинг-понг, гимнастика, боречки спортови и сите останати дисциплини поврзани со физичкото образование и спортот на студентите, вклучувајќи и активнсоти од културен карактер.
– Ќе ги задоволи потребите на сите студенти кои без разлика на студиите што ги изучуваат заслужуваат простор во кој ќе спортуваат и ќе се рекреираат, рече премиерот, додавајќи дека мулти функционалната салата треба да биде готова најмногу за две години.
Во рамкии на УКИМ, со средства од Владата изградена е спортската сала на Факултетот за физичка култура, каде е предвидена изградба на уште една.